Заев: Верувам дека ќе се усогласиме за здравствените протоколи и за кампањата и за денот на изборите

Државната здравствена комисија пред 10 дена има испратено здравствен протокол до Државната изборна комисија (ДИК), но убаво е и ние политичките партии да изградиме заеднички ставови, рече денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Тој одговарајќи на прашање дали разговарале со опозицијата како ќе се спроведува изборниот ден, тој рече дека ќе разговараат најверојатно деновиве за стилот и начините на кампањата.

– Би било убаво да биде координирано, а со тоа ќе помогнеме на граѓаните да бидат пред се безбедносно и здравствено обезбедени за да имаат мотивација да излезат во што поголем број на денот на гласањето, а секако на внимателен, безбеден, здравствено обезбеден начин да ја следат кампањата и понудата на сите учесници во изборите, рече Заев.

Логично е, вели тој, дека овие избори ќе бидат поинакви.

– Секако е јасно, големи митинзи и собири ќе нема. Во моментот додека се бројките високи ние од СДСМ нема да правиме ниту мали собири, се разбира таму каде се прави тоа е секако на дистанца, но ќе ги користиме сите алатки и верувам дека ќе се усогласиме за сите здравствено безбедносни протоколи и за кампањата и за денот на изборите, нагласи лидерот на СДСМ.

Протколите, додаде тој, се веќе доставени, а ако треба ќе се доусовршат. Посочи дека набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР ќе ја почнат мисијата од 19 јуни.

– Ажурирањето на избирачкиот список е фазата каде што сме застанати, ажурирањето е со неколку потфази, каде МВР доставува список, има јавен увид, политичките партии имаат право да реагираат, граѓаните имаат право на управна постапка. Јавниот увид е завршен и останати се уште два дена за политичките партии да реагираат. Сега списокот што МВР го достави треба да се промени со сите што навршиле 18 години до 15 јули. Оттука продолжува понатаму псотапката, рече Заев

Back to top button
Close