Зафировски: „Една третина од прифатените иницијативи за фотоволтаици во Општина Куманово се поврзани со кумот на Максим Димитриевски“

Советникот од Левица во Советот на Општина Куманово, Виторио Зафировски, упати серија прашања и критики околу распределбата на иницијативите за поставување фотоволтаични централи во општината, тврдејќи дека значителен дел од прифатените проекти се поврзани со бизнисменот Драган Митевски, за кого посочи дека е во кумовски однос со градоначалникот Максим Димитриевски.

Во своето излагање, Зафировски наведе дека од вкупно 48 прифатени иницијативи за поставување фотоволтаични централи, дури 16 се поврзани со компанијата „Солар Енерџи Груп“, чиј сопственици, според него, се Добрин Петрушевски и Драган Митевски.

 

– Advertisements –

 

„Од вкупно 48 прифатени иницијативи за поставување фотоволтаични централи, дури 16 се на фирмата ‘Солар Енерџи Груп’, во сопственост на Добрин Петрушевски и Драган Митевски, кој е во кумовски однос со Максим Димитриевски“, истакна советникот.

 

Тој во обраќањето се осврна и на претходни бизнис активности поврзани со Митевски, алудирајќи на парцела која подоцна била поврзана со најавената инвестиција на Lidl во Куманово.

 

„Мора да се признае дека Драган Митевски покажува извонреден претприемачки инстинкт. Така беше и со парцелата предвидена за ‘Лидл’, која, сосема случајно, се наоѓала во негова сопственост уште пред да стане извесно дека компанијата ќе инвестира во Куманово“, рече Зафировски.

Советникот нагласи дека фактот што 16 од 48 прифатени иницијативи, односно околу 33 проценти од вкупниот број, се поврзани со исто лице, отвора прашања за концентрацијата на проектите.

„Таквиот удел навистина остава впечаток на исклучителна деловна успешност и способност за препознавање можности таму каде што другите не ги забележуваат“, додаде тој.

Во завршницата, Зафировски иронично порача дека, „со оглед на ваквите резултати“, можеби вреди овие способности да се тестираат и на светските берзи, додавајќи дека кумовската поврзаност со Димитриевски „останува само интересна коинциденција“.

Back to top button
Close