Законот за минимална плата денеска на дневен ред пред собраниски комисии

Откако го поминаа првиот собраниски филтер, законските измени за зголемување на минималната плата денеска се ќе се најдат и пред собраниските комисии. Предлог-законот, според распоредот на Собранието, се на дневен ред на седниците на Комисијата за труд и социјална политика и Законодавно-правната комисија.

Потребата за усвојување на законските измени беше изгласана на 10 февруари на пленарна седница со 101 глас „за“ и ниту еден „против“. Законските измени се носат по скратена постапка откако беа договорени по преговори меѓу Владата, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавци.

Новиот минималец треба да почне да важи со исплатата на мартовската плата.

„Со предлог-измените се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот согласно податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Со предлог-измените се предвидува висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од ДЗС за претходната година. Овие измени ќе опфатат околу 80 000 наши сограѓани кои со исплатата на мартовската плата ќе добијат покажување од 15 200 на 18 000 денари – рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска објаснувајќи го законот пред пратениците на 10 февруари.

Како што беше дијалогот за минималецот, утре треба да започнат разговорите и за зголемување на пензиите, а ниту за минималната плата ниту за пензиите ќе има потреба да се прави ребаланс на буџетот, уверуваат од Владата.

„И за минималната плата и за пензиите не треба да се прави ребаланс. Тие се веќе испланирани во Буџетот. За пензиите, Фондот на ПИОМ има обезбедено средства за евентуално зголемување. Не треба да се грижиме дека ќе земеме од некаде за да им дадеме на пензионерите. Пензионерите се осигурени со тоа што имаат доста средства во Фондот на ПИОМ – рече вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера потврди дека министерката за труд и социјална политика веќе за утре го свикала првиот состанок за пензиите и на него ќе се разговара за моделите за пресметување и покачување на пензиите што ги имаат размислувано асоцијациите на пензионерите и економските ресори во Владата.

Back to top button
Close