Западнонилска треска регистрирана кај 55-годишен маж од Велес

Првиот потврден случај на западнонилска треска за оваа година во Македонија е регистриран кај 55-годишен маж од Велес, информира Институтот за јавно здравје.

Dengue, zika and chikungunya fever mosquito (aedes aegypti) on human skin

Пациентот побарал медицинска помош откако развил нагла и висока температура, изразена слабост, осип на кожата и постепено влошување на менталната состојба. Поради прогресија на симптомите бил упатен на хоспитално лекување во Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што подоцна состојбата била стабилизирана.

Лабораториските анализи ја потврдиле инфекцијата преку присуство на IgM антитела во ликвор, што укажува на зафатеност на централниот нервен систем.

Од здравствените власти се посочува дека моменталниот ризик за населението се оценува како умерен, но нагласуваат дека тој може значително да се намали доколку граѓаните доследно ги применуваат мерките за лична заштита од комарци.

Западнонилската треска не се пренесува меѓу луѓе. Единствениот начин на пренос е преку убод од инфициран комарец, најчесто од родовите Culex и Aedes. Вирусот природно циркулира меѓу птиците и комарците, додека човекот и коњот се сметаат за случајни домаќини во тој циклус.

Кај поголем дел од инфицираните не се развиваат симптоми, но кај одреден број пациенти се јавуваат треска, главоболка, исцрпеност и осип. Во ретки, но сериозни случаи, болеста може да доведе до воспаление на мозокот или невролошки компликации, вклучувајќи парализа.

Специфичен лек или вакцина засега не постојат, па терапијата е исклучиво симптоматска и поддржувачка.

Здравствените служби упатуваат апел за засилена претпазливост во периодот на зголемена активност на комарците: употреба на заштитни репеленти, носење долга и светла облека, поставување заштитни мрежи на прозорци и редовно отстранување на застојана вода каде што инсектите се размножуваат.

Back to top button
Close