Започна кампања за справување со родово-базираното насилство

Невладината организација Иницијатива за граѓански интеграции-ИГИ Гостивар започна со проект чија цел е справување со родово-базираното насилство. Активностите ги започнаа со презентирање на анализа за случајот „Јавна соба“ за кој како што беше кажано на прес конференцијата сè уште нема судска разрешница

Одговорните за проектот напоменаа дека експертски тим изготвил анализа за случајот „јавна соба“ дадени се предлог препораки за надлежните институции.

– Во случајот јавна соба, постои бруталното изживување врз достоинството на млади девојки и жени со злоупотреба на нивни приватни фотографии. Ова е сериозно социјално и кривично однесување кое остава простор за појава на нови вакви или слични групи и создавање на нови жртви, рече Маја Христовска координатор проектот.

Во анализата стои дека по подигнатото обвинение за Јавна соба 1, како и начинот на кој се води предистражната постапка за Јавна соба 2, експертите констатирале дека нашето законодавство не нуди правна заштита на жртвите. Од друга страна, пак неказнувањето ги храбри сексуалните предатори да раководат и членуваат во групи од типот на јавна соба.

Здружението бара од надлежните институции да вложат напори за промена на кривичното законодавство за да се казнуваат злоупотребите од ваков вид.

– Кривичниот законик на нашата земја ги санкционира само кривичните дела кога се злоупотребуваат слики на малолетници, додека пак злоупотребата на приватни фотографии на полнолетни девојки и жени останува незаштитена во сивата зона на порнографијата, подвлече Христовска.

Во рамките на проектот „Виртуелни модринки“, од денес започна и кампања чија цел е да се прекине молкот и овозможи помасовно вклучување на јавноста во процесот за справување со родово базираното насилство. На прес конференцијата беше промовирано и видео за кампањата.

[embedded content]

Од ИГИ најавија дека наскоро ќе биде ставена во функција мобилна апликација која ќе овозможи пријавување на семејно насилство во локална полициска станица, преку еден клик.

– Апликацијата ќе биде дизајнирана да овозможи брза реакција од институциите во случај на пријава. Таа ќе содржи едукативни и информативни содржини, вклучувајќи информации за правата на жртвите, практични совети за заштита, како и целиот протокол за делување по основ на родово базирано насилство, рече Анета Филипоска извршниот директор на здружението ИГИ,

Проектот „Виртуелни модринки“ е финансиран од УАФ (урегентен акциски фонд за заштита на правата на жените) Калифорнија, САД и се спроведува на територијата на целата држава.

Back to top button
Close