Започна спасувачка операција во Јаванското Море: Изгубен е контактот со ферибот со 243 патници и екипаж

Индонезиски патнички брод со 243 лица е исчезнат откако рано утринава бил изгубен контактот со него поради лоши временски услови во Јаванското Море, соопшти Националната агенција за пребарување и спасување на Индонезија.

Бродот „Вирго транспорт 8“ (Virgo Transport 8) испловил вчера од Сурабаја, во провинцијата Источна Јава, кон Банџармасин, во провинцијата Јужен Калимантан.

„Локацијата на бродот во моментот е непозната и со него сè уште не може да се воспостави радиоврска“, се наведува во официјалното соопштение на спасувачките служби.

Во тек е опсежна операција за пребарување, а спасувачки екипи се упатени кон последната позната координата на пловилото.

Индонезискиот архипелаг, кој се состои од околу 17.000 острови, во голема мера се потпира на фериботскиот превоз како поекономична алтернатива на воздушниот сообраќај. Сепак, недоследниот надзор над безбедносните стандарди и преоптовареноста на пловила Честопати се причина за поморски несреќи во овој регион.

Back to top button
Close