Засега фиксна е само бројката од 833.000 вакцини, помош ќе добијат сите медицински лица ангажирани во КОВИД центрите
Засега фиксна е само бројката од 833.000 вакцини за кои државата веќе алоцираше средства и со неа може да оперираме. За останатите бројки, јавноста ќе биде дополнително информирана, повтори денеска владиниот портпарол, Душко Арсовски.
Арсовски уште еднаш кажа дека темпото за дистрибуција на вакцините го утврдува ковакс системот.
-Како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители, еднакво ќе бидат дистрибуирани кон сите земји што аплицирале на ковакс системот како оние од Европа и од регионот. Во однос на вакцините кои треба да пристигнат од Бугарија, со оглед дека станува збор за донација, треба да биде издвоена одредена количина од онаа што оваа држава ќе ја добие. Во моментот кога вакцината ќе биде дистрибуирана до нив, ќе биде и до нас и за оваа доза вакцини државата нема да плати, рече Арсовски.
На новинарско прашање дали некои од алоцираните средства од ТАВ ќе бидат искористени за купување амбулантни возила, Арсовки повтори дека овие пари се наменети само за инфраструктурни проекти во општините.
Во врска, пак, со забелешките на медицинските лица кои не добиле еднократна помош, портопаролот Муамет Хоџа потсети дека вчера имаше соопштение од Министерството за здравство според кое, помош ќе добијат сите медицински лица кои се директно ангажирани или индиректно во КОВИД центрите низ државата.
-Тоа е одлука и Министерството за здравство е веќе во комуникација со сите директори од медицинските и здравствените центри и институции. Се надевам дека за брзо време сите тие лица ќе ја добијат планираната помош, нагласи Хоџа.