Завидлизам

Почитувани, се согласувам потполно дека не било ова “заевизам“ туку било “завидлизам“ и тоа голем “завидлизам“.

Да, точно е, голем е редот на сите оние завидливи политичари што треба да му се извинат на македонскиот народ и на сите наши граѓани што живеат во оваа наша Македонија. Еве се случи и тоа, виде целиот наш народ дека добивме преговарачка рамка за почеток на преговорите со ЕУ, со македонскиот јазик внатре, ама некои од опозицијата уште врескаат по емисии дека нема датум и дека сме го изгубиле јазикот, луѓе мои ова е невидено, каква нација сме тоа ние, не можам да разберам.

Знаете, не постои таква политичка доктрина која се потпира на целосна лага и измама а со која може добиете избори, едноставно секогаш има многу луѓе кои десет пати ќе размислат пред да Ви поверуваат. Оваа политичка доктрина со која ВМРО-ДПМНЕ настапува изминатиов период додека е во опозиција а особено сега во ова предизборие, базирана е исклучиво на манипулации и лажни вести, ништо друго. Добро, го правеа тоа и во изминатите десет години на власт, но тогаш беа некако поуспешни во манипулациите, но сега ова што го гледаме е доста несмасно и глупаво и добро е што многу работи  со овие нови бомби им се расчистија на граѓаните за да видат кој бил кој во политичкото подземје.

Да, треба да им се извинат на граѓаните што цела година се занимававме со “Рекет“, цела политичка кампања и надеж за некаков успех и рејтинг ја насочија таму и се им се сруши како кула од карти. Им се сруши поради соодветната и брза реакција на институциите, поради неселективноста во пристапот и еве го гледаме епилогот на тоа, тие за кои постојат докази се таму каде што треба а оние за кои уште нема докази се работи на тоа, не се секирајте. Треба да се извинат сите до еден за ова, затоа што видовме во новите бомби во чии глави настанал  “Рекет“, слушнавме кој и за какви цели го смислил, кој со кого комуницирал и соработувал, кој на кого должи, јасно е како бел ден. Извинете, ама порано не беше така, аферите немаа завршница, се беше лепено, сечено и монтирано. Ќе се извинат и за оној црногорски бизнисмен Дака за кој не отекоа цела недела дека дал мито 300 илјади евра во владата, епа се појави човекот и во детали со датум и со ден им кажа на кого ги дал парите, ама да ти било тоа на претходната влада и веднаш штама, само жал ми е за оној суртук портпарол што го испратиле таму да се расправа со министерот за надворешни работи, како се изглупира човече не ми се верува, инаку беше горе доле пристоен новинар, но гледате дека лошата политика може и од пристоен човек да направи мајмун.  Останува сега уште Боки 13 да ги спасува со неговите изјави и со новите триесетина кривични пријави, гледам се радуваат божем пријавите на Боки веднаш ќе ги прифатат како основани и сега ние ќе паѓаме во несвест, па Боки ни соопшти и многу други работи меѓу другото дека ќе бил како Јосип Броз Тито, лидер на оваа земја, па сега да му веруваме ајде. Добро тука е и Аџо Верушевски со по некоја бомба да им даде онака од кафана затоа што доцна сватил Аџо дека сега не може да се работи незаконски, па многу се налутил и нашол ново другарче голем патриот и сега се двајца големи патриоти, тоа е.

Треба да се извинат на македонските граѓани што ги лажеа во овие две, три години дека нема да станеме членка на НАТО и нема да почнеме преговори со ЕУ. Но ова што го прават по добивањето на преговори со ЕУ е навистина жално и смешно да ги гледаш, особено оној потпретседателот, веќе ми станува и забавно. Тој така неславно се излета таму некаде на почетокот на март дека од сигурни извори имал информации дека нема да добиеме датум па сега не може кутриот да се испере од тоа и уште го слушам вергла глупости по митинзи не признавајќи ја својата лага во која го фати цела нација па тврди дека немаме уште датум. Оф мори мајко пусти завидлизам, како дете кога е фатено на дело како краде и збунето вели дека не краде. Ало, Александар, абе не се нашите луѓе толку глупави, не проаѓа тоа. Имено, добивањето на датум за преговори е процес кој оди во неколку фази, како за нас така и за сите. Најтешкиот дел односно првата фаза е политичката одлука на земјите членки да се усогласат и да се сложат, па со консензус да одобрат преговори. Тоа го постигнавме, тоа е најважно, сето останато тече понатаму кон втора фаза а тоа е преговарачката рамка околу тоа како ќе се водат преговорите, еве и тоа се случи, после тоа се утврдува и датумот кога сето тоа ќе почне и формално-правно со меѓувладина средба или конференција како сакаш, тоа се смета за формален почеток на преговори, што си запнал бе друже нема датум па нема датум, аман веќе, се наредено.

Треба да се извините што ги лажевте македонските граѓани дека сме го изгубиле македонскиот јазик и идентитетот во Преспанскиот договор, ете го и македонскиот јазик и идентитетот друже во преговарачката рамка со ЕУ. Нели Бугарија ќе не блокираше, епа нема да не блокира, ете ќе пукнете од мака. А знаете зошто нема да не блокира, поради Договорот за добрососедство, поради тоа што нашата позиција во меѓународни рамки е многу посилна и многу позначајна, па тешко дека некој туку така ќе има аргументи да не блокира, ќе има секако обиди но тоа тешко ќе му иде, тоа се лекции по меѓународна политика кои не ги научивте а за кои многу сум пишувал. Стекни позиција во меѓународни рамки, стекни моќ, па после прави се мангуп а не обратно како со антиквизацијата. Но повторно сум и лут на професорката Силјаноска тука. Имено таа се обидува на еден суптилен начин да ја злоупотреби својата “службена положба“ како професор и она што е очигледно и јасно да го негира и да им ја замати водата на граѓаните, односно да ги збуни. Исто така и таа не верувала дека сме добиле датум, не слушнала дека де факто македонскиот јазик како “македонски“ влегува во преговарачката рамка па се обидува повторно да ги збуни граѓаните негирајќи го тоа и објаснувајќи некои фази во преговорите кои немаат врска со прашањето на јазикот ама нели таа е професор па ќе и поверуваат, колку што и поверуваа за тоа дека ќе го поништувала и Преспанскиот договор, е не бива тоа така. За многу работи кои ги слушавме во изминатиов период а кои беа обични лаги и манипулации ги правеа со умисла, ја сведоа нивната политичка идеологија на обични лажни вести, ништо повеќе. За многу ќе треба да се извинуваат, ама знам дека нема да го направат тоа сега, ќе го направат после 15 јули кога прво ќе треба да им објаснат на своите членови зошто ги лажеле дека ќе победат, нив треба прво да им се извинат за сите афери и бомби зад кои стојат они самите и за што и впрочем се целосно разоткриени, побајаги ќе треба да се извинуваат ми се чини.

Друг политички субјект кој ќе треба да се извинува како на Македонците така и на Албанците се ДУИ и Али Ахмети.

Долго време ги бранев ДУИ од другите албански политички партии во некои мои јавни настапи, сметајќи дека се најстабилна и најзрела политичка партија во албанскиот блок и за тоа ми се лутеа многу други пријатели Албанци, ама тие се сега гледам едно големо разочарување, верувам за многу луѓе кои го делеле овој мој став. Али Ахмети изјави дека бил разочаран од Македонците затоа што не го прифатиле неговиот предлог за Албанец-премиер, па ни кажа дека и Гоце Делчев би се радувал на оваа понуда затоа што носел кече кога имал средби со Албанците. Албанските историчари веднаш ја демантираа оваа вест сметајќи ја како историски смешна глупост. Но не знам дали знае колку се Македонците разочарани од него поради оние барања кои ни ги достави пред влада неговиот кандидат за премиер. Оној митинг што го имаа пред влада со оние нивни барања беше една националистичка провокација за Македонците, а истовремено и смешна провокација за Албанците. Нивните барања искажани од нивниот кандидат од говорницата не само што се неприфатливи во целост туку го подриваат Охридскиот Договор и одат во насока на редефинирање на државата што нема никогаш да се случи. Кај нив навистина времето како да застанало во 2001 година и не се свесни дека со вакви националистички провокации само ќе загубат, ништо нема да добијат. Тие самите по донесувањето на Законот за употреба на јазиците изјавија дека тоа е последното поглавје што требаше да се регулира и затвори со Охридскиот договор, друго е се исполнето, не знам сега што бараа пред влада, треба да ги праша некој. Тие за жал продолжуваат со онаа грозна националистичка кампања но за среќа се помалку приврзаници имаат во албанскиот блок и некако имам впечаток дека издишаа со оваа идеја, не успеаа кај Албанците масовно да ја протнат оваа нивна манипулација за Албанец премиер.

Но треба да разберат еднаш засекогаш дека во Македонија завршено е времето кога некој со уцени и со сила ќе може нешто да оствари. Ние сме демократска, суверена и унитарна држава, членка на НАТО, држава која ги почнува преговорите со ЕУ и полека, полека во наредните години во текот на преговорите нашето општество ќе се чисти од корумпирани политичари, од бандити,  националисти, провокатори од која и да се нација или религија, нема да биде важно, важно е да одиме напред.

За ова прашање добра анализа имаше уредникот на весникот “Лајм“, му честитам за тоа што го напиша, тоа е за пример да се види како резонира еден албански интелектуалец и сепак дава верба дека концептот едно општество за сите ќе го биде. Токму затоа ДУИ и Али Ахмети треба да се извинат што овој концепт “Едно општество за сите“ концепт со кој сите добиваме, го прогласија за пропаднат и запловија во националистички води.

Тоа нема да пројде.

 

м-р Глигор Стоименов

                            

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close