Заврши полициското сослушување студенти од Медицинскиот факултет во Ниш, нема поднесок за ниту еден од нив

 Заврши вечерва сослушувањето во полициска станица на триесетина студенти од Медицинскиот факултет во Ниш кои беа повикани откако 20-на инспектори доцна попладнево влегоа во тој факултет што е во блокада, јави дописникот на МИА.
Според изјави на студенти кои биле да дадат изјава, тоа е за нив уште една форма на притисок на властите.

„Бевме поканети како граѓани. Не прашаа што правевме денеска на факултетот, ние одговоривме на тие прашања. Воопшто не е пријатно, ова го сметаме за форма на притисок. Уште полошо е кога од полицијата ќе дознаете дека деканот бил тој што повикал полиција на факултетот и им дозволил да влезат“, изјави студентот Душан  Тасиќ, јави новинската агенција Бета.
Според него, студентите на Медицинскиот факултет ја продолжуваат блокадата до исполнување на барањата.

Против ниету еден студент не покрената постапка откако полицијата упадна на факултетот по наредба на обвинителството.

Студентот на Медицинскиот факултет Ѓорѓе Миљановиќ пред насобраните изјави дека денеска деканот на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Ниш направил преседан бидејќи со неговиот потпис и дозвола полицијата да влезе на факултетот, им ја предал автономијата на факултетот во нивни раце.

„Тој ја предаде автономијата за која се борат факултетите и универзитетите од нивното основање. Деканот со оваа постапка само докажа дека нашето ново барање за промена на раководството е апсолутно оправдано“, посочи Миљановиќ.

Полицијата на студентите им даде покани за сослушување по кривична пријава за нарушување на јавниот ред и мир, бидејќи утринава не дозволија професори и други вработени да влезат во зградата на факултетот.

Студенти на Медицинскиот факултет го блокираа влезот во зградата откако вчера на официјалната веб-страница на факултетот беше објавено соопштение дека наставата ќе почне да се надополнува од 15 април.

Тие најавија дека влезот за наставниот и другиот кадар ќе биде блокиран се додека таа објава не се отстрани од веб-страницата и не се објави една на кое пишува дека наставата ќе започне кога ќе се исполнат барањата на студентите и ќе заврши блокадата на факултетот.

Back to top button
Close