Здружение на социолози со реакција за новата Нацрт-концепција за гимназиско образование

БРО (Бирото за развој на образованието) предложи Нацрт концепција за реформа на гимназиското образование. Пред некој ден, со реакција излегоа гимназиски наставници по филозофија, а денес реагираат и Здружението на социолози на Република Македонија, велејќи дека слични активности и „реформи”  се одвиваат подолг период, а со кои, како што велат „директно се засегнати социолозите и нивниот статус во македонското образование на сите нивоа“.

Од таму велат дека, заедно со Институтот за социологија, тие реагирале и на Концептот за реформи во основното образование, што укажува дека се продолжува со една вообичаена практика нетранспарентно „реформирање” во многу кус временски период, а со тоа образованието веќе повеќе заличува на „невладина организација” отколку на сериозна институција.

Во прилог се аргументите и предлог решенијата од Здружението на социолоз за подобра и поквалитетна концепција за поквалитетно образование:

1. Нерамноправен однос помеѓу природните општествените хуманистичките предмети, кој е повеќе од нерамноправен. Сите природни науки остануваат задолжителни во прва и втора година и изборни на продлабочено ниво во трета и четврта година со 4 часовен неделен фонд, додека од општествените предмети сите изборни се со два часа неделен фонд. Покрај тоа е избришана социологијата како задолжителен предмет а воведено е граѓанско образование (се менува наука за дисциплина). Граѓанско образование е предмет кој учениците веќе го изучуваат како редовен во седмо, осмо и деветто одделение и сметаме дека во прва година гимназиско образование учениците треба да ја изучуваат социологијата како најопшта општествена наука, како повисоко ниво, како наука која им ги отвора вратите на општествената стварност. Во четврта година да се врати филозофијата како задолжителен предмет со барем два часа неделен фонд.

2. Изборот на предмети кои ќе ги изучува ученикот го гледаме како современ концепт и позитивна промена, но како ученикот ќе избере предмет со кој нема никаков контакт, информација ниту предзнаење? И во овој поглед природните науки се во голема предност бидејќи предметите кои се задолжителни веќе имаат прилика да им се познати и кон нив да развиле интерес. Може да дојде и до намалување на критериумите кај наставниците поради поголем избор на нивните предмети на повисокото ниво што сериозно би го намалило квалитетот на образованието.

3. Се залагаме за поголема вклученост на наставниците социолози во стручните служби покрај педагогот, психологот и дефектологот.

4. Исто така цврсто стоиме на ставот и се залагаме за враќање на нормативот по предметот граѓанско образование (во основното, стручното и според Нацрт концепцијата во гимназиското образование) на наставниците по социологија како најкомпетентни за предавање на овој предмет. Социолозите го воведе и конституирале како предмет но сега се во ситуација да не го предаваат (го преземат наставници историчари и филозофи).

-Ваквата Нацрт концепција за реформа на гимназиското образование подготвена од БРО укажува на нискиот капацитет на една од најзначајните образовни институции за следење и развивање на квалитетот на образованието. Без претходно да се реформира БРО и да се зајакнат неговите човечки капацитети реформите во основното, средното-стручно и гимназиското образование не можат да бидат успешни, се вели вео реакцијата од Здружението на социолози на Република Македонија.

Back to top button
Close