Зелена дипломатија

Дипломатите вообичаено после 15 јули го намалуваат ритамот на редовните работи. Кај нашата  одлична дипломатија (екс Мнр Димитров) тоа не е практика, со оглед дека таа постојано е во лер. И се разбуди насред лето, кога и последниот клас на жито паѓа , а штурците ги  привршуваат оглушувачките летни мелодии. Сред лето, МНР, Б.Османи реши да стартува со реализација на Стратегијата 2030 година, со воведување на електрични тротинети како еколошко превозно средство на домицилните дипломати. Со тоа МНР, кое го предводи сега  Министер од “зелената” партија ДУИ, покажа одговорно однесување кон животната средина и аерозагадувањето. При тоа заборави дека еколошките стандарди имаше шанса на посуптилен начин да ги примени во своето девастирано министерство (последно соопштение на Дипломатскиот синдикат). Со тоа ќе ја расчистеше непријатната миризба од палатата Сарафов. Еколошките мерки можеше да ги примени и со дезинфекцијата на ДКП, кои без оглед на падот на угледот на нашата дипломатија, беспотребно се шират.

 

Министерот Османи веројатно пред тоа во историската  видео средба со нашите ткн. амбасадори во државите на ЕУ, Стратегискиот совет и се разбира Дипломатскиот совет, ја разгледале оваа новина, како почеток на реализација на наведената Стратегија. Не сум сигурен дека за воведување на оваа новина е консултиран и влијателниот Дипломатски клуб. Се согласиле, веројатно дека оваа мерка ќе биде со задоволство примена во Брисел, а и во Софија од новата влада која веројатно  ќе ја предводи партијата “Има таков народ”, која барем поради името, на партијата  би требало да ги признава и Македонците. Албанците немаат такви проблеми. Тие на време намирисаа во кој правец ќе одат односите меѓу Скопје и Софија и соодветно се позиционираа. Ништо ново и непознато и непофторливо. Министерот Османи смета дека  нашите дипломати во мегаполисот Скопје, побрзо ќе стигнат до своите вообичаени дестинацији, во кои обично  не навраќаат, од прости причини што никој не ги кани. Со тротинетите  во раце ќе ги окупираат странските амбасади и мисии, полни со информации, дека стартот на Страгијата 2030 е уникатен и дека  новата бугарска влада   позитивно ќе ја оцени оваа иницијатива како добар чекор на европеизација на нашата држава и ќе придонесе наскоро братски да најдеме решение. Не е познато дали има старосна граница за користење на дипломатските тротинети, со оглед на хаосот во сообраќајот и дали постои полова равноправност во користењето и инструкции за стајлингот (посебно  за дамите кориснички) на нечујните возачи, кои во една рака ќе ги носат  документите, а со втората рака ќе управуваат. Исто така е нејасно дали во Правилникот за користење на тротинети се предвидени и оштетувањата на тротинетот, казни при некакви прекршувања на бризината и дали  со некоја  осигурителна компанија е потпишан договор за обештетувања на лицата и имовината. Исто така остана нејасно и дали нашите врвни дипломати во Брисел, во Мисијата и НАТО, ќе возат тротинети. Би препорачал воените дипломати поради безбедноста и  униформите, да бидат исклучени како корисници. Инаку и НАТО може да реагира.

Се разбира почитувани читатели колумната е посветена на оние читатели кои во сенките на Халкидики или во новите туристички центри околу Валона се излежуваат и сеират. А око можат тие, зошто не би можел и јас. Тротинетите не помагаат. Дипломатите нема никаде  да стигнат. Тие и не знаат каде да се упатат. Тие што им даваат инструкции импровизираат. Билингвизмот во МНР ќе донесе нови неоколошки загадаувања. Сега е време да се свртам сепак кон некои летни дипломатски теми.

“Зелената дипломатија” нов дипломатски термин, сеуште непатентиран (Рашковски), најпрецизно го определува степенот на професионалноста на нашата дипломатија.

Остана несозреана или по нашински зелена. Тоа што триесет години зрее, а никако да дозрее, има повеќе причини. Од климатските, еколошките до политичките и етничките. Меѓуетничките односи станаа стандард, а не  дел од европскиот стандард, на владеење. Се воспостави институционален, прагматичен сооднос на коалиционите партнери кои треба да владеаат. Од тоа не се остапува, бидејки тоа носи  не само политичка победа.

СДСМ е во заблуда доколку се смета како социјалдемократска партија. Кризата на сoцијалдемократите не ја изанализираа. Социјалистичка интернационала ја заборавија. ВМРО, исто така  не е демохристјанска партија, макар што со големи маки во Европските народни партии се труди да биде забележена. Ефектите се спротивни. Причините познати. ДУИ не е реформирана зелена партија. Сите останаа на истите позиции. Првите како рефлексија на партијата која ја наследија, вторите убедени дека се чувари на македонизмот, посебно од исламот, третите дека биле борци за човекови права, а сега екологисти, заборавајќи ги зборовите   на лордот Џ.Робинсон, поранешниот  ген. секретар на  НАТО. Преобразбата оди тешко. Во првиот случај СДСМ повеќе поприма манири на балкански неолиберализам, ВМРО демохристјанство го доживува како профано (М. Илијаде) а се повикува на  религиски патриотизам, а ДУИ смета дека преку ноќ може да  стане зелена партија. Да се формираше на почетокот со таков статус, денес не би била во Собранието. Западните зелени партии со мака се изборија после дваесетина година да го надминат сензусот и влезат во политичкиот естаблишмент. Останатите партии се без никакви идеолошки значенија, посебно оние ткн. новисоцијал демократски, либерални или социјалистички партии. Копии на екстремно десните партии  никнати низ Европа во нашите варијанти се сурогати, без иднина.

Во такво политичко миле се разбира се плетеше македонска дипломатија од многу неквалитетен конец, кој во секој момент  може да пукне. И се разбира не соплете ништо. Не можам да се сетам на успех на нашата дипломатија. Се разбира веќе ги слушам оние кои извикуват: а  Нивици, па Хаг. И двата документи беа корисни, но не историски и не се  успех на нашата дипломатија. Во првиот случај беше утешна награда за нашата дипломатија, односно влада, за доброто однесување, а на вториот упех (Хаг) немавме време ниту да се израдуваме. Да не е случајно и успех што Охрид остана ,барем засега, под заштита на УНЕСКО. Ние немаме ниту профана ниту световна дипломатија. Посебно забринува што тие не координираат. Примери има многу, а посебно околу признавањето на автокефалноста на МПЦ ОА. Грешиме во стратешки ориентации. Создадовме атмосфера како онаа од 1948, да се определиме на која страна сме. Тоа е легитимно посебно поради консензусот на сите политички партии. Но, определувањето не значи намалување на коректните односи со останатите влијателни држави, посебно членки на СБ. И макар што приемот на РМ во ОН беше нелегитимен со кршење на Чартерот на ОН, нашата дипломатија воопшто не размислуваше ова прашање да дојде на дневен ред во СБ на ОН. Посебно што при приемот во ОН не укажавме на многубројните прекршувања на меѓународното право. Посебно да нагласам, поинаква би била нашата позиција во таа историска година да на чело на државата  или бар МНР беше Лазар Мојсов. Но тоа е  долга прикаска а актерите не се живи. Во оваа летна горештина во која сите се чувствуваме профано, да забелажам еден момент, актуелен не само поради односите на МПЦ ОА со Бугарската православна црква, туку и со актуелната ситуација  на релација Скопје – Софија. Имено во март 2018 Рускиот патријарх Кирил, беше во посета на Софија по повод чествувањето на 140 годишнината на ослободување на Бугарија од османлиското царство. Голема чест за Неофит, ама и Борисов и Радев кој и тогаш беше претседател на Бугарија. Тоа што Петријархот Кирил во одаите на  бугарскиот претседател,  му го кажа на скаменетиот Р. Радев, беше посодржајно и позначајно за нашата позиција во спорот со Софија, па и со Атина, од сите бацувања на Заев со братот Бојко, изјавата на љубов кон поранешниот пожарникар од страна на нашиот претседател, шармирањето за Шеќерова од страна на латинскиот плејбој Димитров, хируршаката смиреност на МНР, Османи , а посебно од активностите  на добриот познавател на бугарските сабитија поранешниот ни премеиер, а сега специјален олеснувач на нештата. Имено станува збор за фалсификување на историјата од страна на Бугарија. Претседателот Радев само климаше со главата. Дали така клима и кога нашата страна бара да не се фалсификува историјата. Не ми е познато дека нашата профана дипломатија, а и уште попозната световна реагираа на овој чин на Патријархот Кирил. Од страна на Москва пристигнаа и повеќе изјави во врска со македонскиот јазик, се разбира во наша полза.

Како протуподарок, ние протеравме руски дипломат, поради лојалноста кон  санкциите на ЕУ, која никако да испорача дата за преговори.

Македонската дипломатија нема допир со нашата црковна дипломатија (световна) се разбира поради одвоеноста на државата од црквата. Да, тоа е точно. Но, тоа не значи дека канонските прашања на МПЦ ОА  треба да исчезнат од агендите на инаку недоволно ангажирани наши дипломати, посебно амбасадори. Дали некој наш амбасадор во Москва го посетил, Суздаљ, православниот Ерусалим, кој не  е далеко од Москва. Во далечната 1981 ја придружував  високата македонска парламентарна делегација пти посетата  на Суздаљ, во која прилика со тогашниот Руски Патријарх се разговараше и за признавањето на автокефалноста на МПЦ. Руските позиции и денес се исти ( не Цариград, не Софија, туку Белград е клучот).

Нема да продолжам со останатите гафови на  “зелената дипломатија” од единствена причина поради почеста кон своите верни читатели. Летово ќе помине. Ферагусто започна. Нашиве не го почитуваат поради локалните избори кои небаре се парламентарни или претседателски. И со право. На локалните се проектира победата на парламентарните. Брадите ќе се избричат, парламентот белки ќе проработи, амбасадорите од собраниската чекална  ќе кинисат на заслужен четиригодишен одмор во некое ДКП, Бугарија ќе формира влада. Ние ќе плачеме поради злата судбина и ќе ја уверуваме ЕУ дека сме добар испорачител (за малку да кажам на преработен канабис) и ќе апелирамо како крунски аргумент дека  неиспорачување на дата може да му штети на целиот Западен Балкан, ама и на Европа. После одморите продолжуваме со дипломатското книговодство со дипломатски ново тресење на  зелени.

Ѓорги Мисајловски

Back to top button
Close