Зеленски денеска на самит во Дубровник, нивото на безбедност на највисоко ниво, ќе присуствува и премиерот Мицкоски
Денеска попладне во Дубровник се одржува самитот Украина – Југоисточна Европа. По тој повод, украинскиот претседател Володимир Зеленски по првпат доаѓа во Хрватска, јавуваат хрватските медиуми. Заедно со него и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, а најавено е и доаѓањето на претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и на Косово, Вјоса Османи, како и на петмина премиери: грчкиот Кирјакос Мицотакис, бугарскиот Димитар Главчев, албанскиот Еди Рама, македонскиот Христијан Мицкоски и претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кристо. Се очекува и доаѓањето на српскиот претседател Александар Вучиќ, иако првично било најавено дека ќе доаѓа српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ не е поканет на самитот.
Турција, Романија и Молдавија ќе бидат претставени на ниво на министри за надворешни работи.
Од Владата во изјава за „360 степени“ потврдиле дека премиерот Мицкоски ќе присуствува на Самитот во Дубровник.
Учесниците на самитот треба да ја прифатат заедничката Дубровничка декларација за чиј текст сè уште се преговара, но таа треба да биде во духот на претходните декларации од самитите во Атина и во Тирана.
Главните точки на декларацијата, јавува ХРТ, треба да вклучуваат осуда на руската агресија, поддршка за територијалниот интегритет на Украина, вклучително и полуостровот Крим, поддршка за мировниот план на претседателот Зеленски, барање за гонење на воените злосторства во Украина, поддршка за Европската интеграција на Киев и членството во НАТО кога за тоа ќе бидат исполнети условите, како и поддршка за енергетска безбедност и обнова на Украина по завршувањето на војната.
На маргините на самитот, Андреј Пленковиќ и Зеленски треба да потпишат договор за соработка меѓу Хрватска и Украина, со кој ќе се официјализираат активностите на двете земји кои веќе постојат, особено на полето на хуманитарната помош, деминирањето и гонењето на воените злосторства. Според извор од Владата, договорот „ќе ја стави помошта што Хрватска веќе ѝ ја дава на Украина на долгорочна основа.
Како што јавува ХРТ, доаѓањето на украинскиот претседател Зеленски е една од безбедносни најпредизвикувачките средби што ќе се одржи во Дубровник.
„Како што велат експертите, ова е првпат во Дубровник да доаѓа лице на кое му се заканува атентат или нешто слично. Затоа, потребни се посебни безбедносни мерки. Веќе вчера во текот на утрото почнаа да ги тргаат кантите и да ги оградуваат паркинзите околу овој дел од градот. Учениците од две околни средни училишта денеска немаат настава. Тргнати се сите возила од хотелскиот простор“ информира репортерот на ХРТ.