Зеленски го разреши генералниот обвинител Кравченко

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска го разреши генералниот обвинител Руслан Кравченко, кој синоќа со службено возило ја напушти земјата и замина за Литванија.

Кравченко, кој поднесе оставка на 7 септември, претходно денеска објави дека потпишал известување за сомневање против директорот на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ), Семјон Кривонос.

Кравченко тврди дека Кривонос фалсификувал службени документи со цел да добие „незаконска корист во особено големи количини“ и дека извршил фиктивно посвојување со цел „да избегне правна одговорност пред судот“.

НАБУ и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО), другата институција вклучена во истрагата што претходеше на оставката на Кравченко, ја опишаа неговата изјава како уште еден чекор во „системски напад врз независните тела за борба против корупцијата“.

Двете институции ги отфрлија неговите тврдења, истакнувајќи оти Кривонос не е формално обвинет.

Зеленски ја повика Врховната рада веднаш да ја прифати оставката на Кравченко од функцијата генерален обвинител. Украинскиот парламент треба утре да гласа за неговата оставка.

На 4 септември, САПО и НАБУ објавија дека откриле криминална организација, која систематски собирала мито од нелегални кол-центри и перела пари.

Според истражителите, групата е создадена кон средината на минатата година од вработен во Канцеларијата на генералниот обвинител и во неа се вклучени обвинители и нивни блиски соработници.

На 6 септември, Кравченко издаде соопштение во кое се вели дека не учествувал во прикривањето на нелегалните кол-центри и објави дека го отпуштил вработениот во Канцеларијата на генералниот обвинител. Тој по средбата со Зеленски на 7 септември поднесе оставка, а неколку високи обвинители потоа беа сменети.

Back to top button
Close