Жител на Хонг Конг осуден на три месеци затвор бидејќи носел маица со продемократски натпис

Жител на Хонг Конг е осуден на три месеци затвор под обвинение за бунт бидејќи носел маица на која пишува „Ослободете го Хонг Конг – револуцијата на нашето време“.

Чу Каи-понг (26) се изјасни за виновен по две точки од обвинението.

Властите денеска соопштија дека Чу имал знамиња со слични натписи, кои биле користени за време на продемократските протести во 2019 година.

Тој беше уапсен на аеродромот во Хонг Конг во ноември кога беше забележан како носи маица со слоганот.

Владата на Хонг Конг ги забрани протестните пароли во 2020 година, наведувајќи дека секој што ги користи може да биде кривично гонет за поттикнување отцепување на областа од Кина, што е сериозен прекршок.

За време на изрекувањето на пресудата, главниот судија рече дека Чу свесно го прекршил законот затоа што ги купил предметите во Тајван.

Стотици активисти се уапсени од 2020 година, кога стапи на сила законот за национална безбедност во Хонг Конг. Активистите за човекови права тврдат дека законот, наметнат од кинеската влада, ги задушува неистомислениците и ги намалува граѓанските слободи

Back to top button
Close