Значењето на Коридорот 8 се зголемува во новите околности
Изградбата на Коридорот 8 ќе биде исклучително важна за НАТО и неговите европски сојузници доколку САД го прекинат своето воено присуство во пристаништето Александрополис, оценуваат безбедносни експерти. Иако САД демантираа такво нешто, ова прашање деновиве интензивно се анализира, што повторно ја става во фокусот неговата реализација во Македонија.
Според експерти, во случај на конфликт тој би бил клучен коридор по кој може да се движат војски тргнувајќи од италијанските пристаништа.
„Тоа е клучна логистичка рута на јужното крило на НАТО, која ги поврзува Јадранското и Црното Море. Нејзината важност во сегашниот геополитички момент е огромна“, ја пренесе БНР изјавата на бугарскиот министер за транспорт Гроздан Караџов, кој објаснил дека во моментов активно се работи на реализација на Коридорот 8. Обврската на Бугарија е изградба на железничката врска од Ѓуешево до границата со Македонија во должина од околу 2,4 километри, што ќе се финансира во рамките на програмата „Транспортна поврзаност“.
Пречката ќе се надмине со помош на ЕК
Во јануари, бугарската влада ѝ испрати на Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел на Коридорот. Караџов на вчерашниот бизнис форум организиран од Бугарско-грчката трговско-индустриска комора во Софија, посочил дека Грција е најискрениот и најценетиот партнер на Бугарија, што се докажува со сериозно присуство на грчки бизнис во земјата, но и со заедничките економски интереси, особено во развојот на транспортните врски по приемот на Бугарија во Шенген. Но, посочил дека има недоволна соработка со Македонија.
„Другото што ни е многу важно да го развиеме се бугарските морски пристаништа во Варна и Бургас, кои стојат на патот на товарниот сообраќај меѓу Азија и Европа – односно западниот коридор. Овде имаме исто така заедничка цел со Грција – со мојот грчки колега работиме на западниот, Коридор 8“, рекол Караџов, додавајќи дека сепак, во однос на тоа не среќаваат доволно соработка од Република Северна Македонија, пренесе БТА.
„Се надеваме дека со помош на Европската Комисија ќе ја надминеме и оваа последна пречка и патниците, стоката и капиталот ќе можат непречено да се движат во сите четири правци“, додал тој.

Во дискусијата ја нагласил важноста на инфраструктурата за градење заедничка одбранбена способност.
„Живееме, за жал, во времиња на глобални промени. Времиња кои побрзо нѐ учат да бидеме претпазливи и внимателни, да ги развиваме како нашите економски односи, така и нашата заедничка одбранбена способност. И тоа ја прави поважна соработката меѓу Бугарија и Грција по оската ‘Југ-Север’ и по оската на Коридорот 8 ‘Запад-Исток’ уште поважна. Се надевам дека со заеднички напори не само што ќе станеме побогати и поразвиени земји, туку ќе станеме и постабилни во одбранбената насока“, изјавил Караџов.
Тоа не е американска база
Американскиот претседател Доналд Трамп ги демантираше информациите објавени во неколку медиуми дека американската војска ќе престане да ги користи објектите во северниот грчки град Александрополис поради претстојниот крај на војната во Украина. На прес-конференцијата со францускиот претседател Емануел Макрон, Трамп беше прашан од новинар – дали САД планираат „да ја затворат нивната воена база“ во Александрополис, како што објави грчки весник, а неколку други ја пренесоа информацијата.
„Тоа не е точна информација“, изјавил Трамп.
Во меѓувреме официјални претставници на американската администрација појаснија дека САД немаат воена база во Александрополис.
„Тоа е грчки објект до кој САД имаат пристап според договорот за соработка во сферата на одбраната. Служи како транспортен центар за американската воена опрема што пристигнува и заминува од Европа. Тоа не е американска база“, изјавил официјален претставник на американската војска за агенцијата Анадолија.

И претставник на Стејт департментот за порталот Брајтбарт изјавил дека САД немаат воена база во Александрополис која треба да ја „затворат“, туку ги користат грчките објекти во пристаништето како транспортен центар за преместување на воениот персонал во Европа. Грчкиот весник „Катимерини“ потсети дека од почетокот на војната во Украина, Александрополис се претвори во стратешко пристаниште за САД и НАТО, што се користи како критично важна рута за снабдување за војската распоредена во Источна Европа. Тие функции на пристаништето се во рамките на петгодишниот грчко-американски договор за одбрана потпишан во мај 2022 година.
Задача на земјите-членки на НАТО
Но, демантот од САД не го намали интензитетот на анализите за важноста на Коридорот 8.
„Поинтересен е одговорот на заменик-началникот на Штабот за планирање на силите на НАТО во Неапол, генерал-мајор Џејмс Кларк, кој рече дека на вежба во Бугарија дошол од Република Северна Македонија“, објави БНР.
Тој не одговорил на прашањето дали со претставници на македонската одбрана е разговарано на таа тема и дали операциите на НАТО по источното крило се стимул на за изградба на соодветните коридори. Сепак, од неговите зборови станало јасно дека изградбата на воената инфраструктура е задача на земјите-членки на НАТО.
„Нема да навлегувам во детали за тоа што утврдивме дека ни треба. Затоа што нашите противници исто така би го искористиле тоа. Секое распоредување на силите и брзината со која тоа ќе се случи зависи од спецификите на задачата. На пример, ако е неопходно да се преместат големи воени објекти и луѓе, посоодветно е тоа да се направи по море или со железница. Но, поентата е дека за време на оваа вежба НАТО ја демонстрира својата способност да реагира во момент на криза“, изјавил Кларк.
Заобиколување на Македонија
За разлика од Коридорот 8 (Исток-Запад) кој минува низ Македонија кон Бугарија, кај источниот сосед се развиваат планови за алтернативен коридор, кој би му конкурирал на Коридорот 10 (Југ- Север) од Атина преку Скопје и Белград до Будимпешта и Виена, а кој заедно со Коридорот 8, ќе ѝ даде транспортна предност на Македонија, како стратешка раскрсница.
На неодамнешниот Софиски економски форум беше највено дека се планира друг коридор Југ – Север за кој бил договорен трилатерален настап на Грција, Бугарија и Романија пред Европската комисија.
Планот е да се забрза изградбата на транспортните коридори од Солун до Видин и оттаму кон Северна и Западна Европа, или како што вели бугарскиот минстер за транспот „за кратка и сигурна врска од Атина до Хелсинки”. Предноста на овој план и претходно беше објаснета со приклучувањето на Бугарија и Романија во Шенген, но и со интересите на овие земји да преземат на нивна територија голем дел од сообраќајот од и кон централна Европа. (dw)