Зошто се уште се бара негативен ПЦР за враќање на работа?

Зошто се уште се бара негативен ПЦР за враќање на работа? Ова нема никаква логика и некој треба ова да го објасни на работниците и работодавачите.
Еве накратко информации за Ковид-19 тестирањата.
1. ПЦР тест е високо сензитивен тест кој може да е позитивен и при најмало количество, но тоа може да е премало за да бидете заразни за луѓето.
Заради можноста која ја нуди да детектираме и најмало количество вирус, вие имате време да се изолирате пред да сте најзаразни, како и да ги информирате останатите со кои сте имале контакт.
Но, поради истата можност ПЦР не се препорачува за излез од изолација. Тој може да биде позитивен со недели, а човекот да не е воопшто заразен за околните.
2. Брзите антиген тестови се многу помалку сензитивни и имаат потреба од доволна количина на вирусен материјал за да се позитивни, кое е одличен показател дали едно лице е заразно за останатите.
Два последователни негативни тестови се одличен показател дека некој не е заразен, дали може да напушти изолација и дали може да се врати на работа.
Согласно последните студии за заразноста, луѓето веќе на 5-ти ден само 30% се заразни, а на 8-от ден само 11%.
Сепак ако лице има симптоми на Ковид-19, а е негативно на брз тест, ПЦР е оној кој може да ви помогне да различите дали се работи за САРС-КоВ-2.
Наместо да бараат неиздржани работи, работодавачите ги советувам да постапуваат по законите во Македонија. Тие се должни секој работник по боледување или изолација, да го испратат на вонреден преглед за проценка на работоспособноста пред да започне одново со работа. Лекарот специјалист по медицина на трудот ќе ги направи сите потребни испитувања на работникот, како и проценка на личниот ризик, но и заразната закана за колективот во целост. Доколку имате потреба од повеќе информации, јавете се слободно.
Илчо Ефковски

Back to top button
Close