„Зрело“ или младо, прашање е сега!

Се разбира дека политичката коректност наложува на новата Влада, што ќе рече на сите ресори, па и на културата, да им се дадат вообичаените „поштедни“ денови – не сум сигурен дали баш сто зашто сите, или повеќето, се оние „старите“ – на прилагодување на функцијата, на новиот „амбиент“ (иако тој никако не е нов туку е до зла бога стар!), на затекнатите (повторно стари) „кадри“ во системот, во старите институции… Па (уште еднаш) и во културата, иако таму со години ништо значајно не се менува: ни во Министерството, ни во системот, ниту пак во институциите. Не знаеме дали тие сто дена навистина се „трошат“ за нешто конструктивно, или се само алиби за… што и да е’! Затоа, во недостиг на конкретни информации и превземени чекори, она што сега може јавноста да го прави е да ги цени првите настапи, ветувањата, спомнатите приоритети. Но сепак не онака бегло, на прва рака, туку малку попродлабочено, дури и со интенција да се помогне при ориентацијата во некој ќорсокак. А ќе има многу ќорсокаци и ќорсокачиња, неверојатно многу, македонска култура е навистина богата со нив. Вистински лавиринт! Ги има толку што само едно Министерство, дури и да е најкапацитетно, не би можело да постигне. А вакво како нашево… Говорам за културата, секако, ама се чини дека и во другите ресори не е баш многу подобро?!

Сакам да кажам: за да одредите некакви, па и најопшти приоритети, нека е и во најобична, секојдневна работа, ви треба претходно истражување, темелно колку што е можно, со егзактни резултати врз коишто, подоцна, ќе ги темелите мерките што ќе ги превземате за иднината. Во овој контекст, најчесто спомнувана во оваа насока е Националната стратегија за развој на културата во периодот 2018-2022 година, како (засега) најважен стратешки државен документ. Но, тој документ дава само насоки. Да, констатира состојби, нуди почетни чекори, но наложува натамошни активности/истражувања што целосно ќе ги отворат проблемите, па следствено ќе понудат и решенија! Но, ова како да се заборава.

И бидејќи од спомнуваните приоритети, па и оние од т.н. мандатно писмо, еден од посочените столбови се младите – што тоа и да значи – во културата, столб којшто јас го видов како прилично лабав, нејасен, необразложен… еве ќе се задржам на него. Но, прво, ако за нешто НЕ постојат соодветни истражувања во македонската културата, тоа е ова прашање! Следствено, како ќе развивате приоритет и ќе го решавате со соодветни мерки ако не ја знаете состојбата со проблемот „вчера“ (поточно: барем 10-15 години наназад) и особено денес? Дали овој приоритет значи само форсирано финансирање на младите во културата? Може и така, ама во кои дејности/сектори, или – во сите? А зошто во сите, и според кои критериуми? Само заради тоа што станува збор за млади? Па, извинете, ама младоста не е квалитет сам по себе! Оттука, да акцентирате еден таков сложен проблем како што се младите во културата како приоритет, мора претходно да имате „дебело“ досие за сите клучни сегменти на прашањето!

Од друга страна, дали и колку овој премиерско-министерски приоритет, како впрочем и другите, претставува обврска за институциите (барем националните) за имплементација во нивните програми? Треба да претставува, ама доколку наведениот приоритет е соодветно, поопширно елабориран, како и мерките, очекувањата и сл. (Иако, кај нас, секоја „национална“ институција си има некакви свои провинциски „приоритети“, коишто најчесто се на сосема спротивствени страни со оние на државата!) Но, ова да не биде напразно говорење, еве што се случува во праксата: пред само неколку дена во Националната галерија на Македонија завршил „Конкурс за зрел уметник“ (sic!)!!! Намерно го потенцирам овој „конкурс“ заради повеќе аспекти: прво, ужасната неписменост на една национална институција. И малограѓанштина, секако. И второ, кој и каков е тој „зрел уметник“, имаат ли тие луѓе некаква дефиниција за „зрелост“ во уметноста, и која би била таа? Дали „зрелоста“ се бира според годините, според бројот на изложбите, според белите влакна во косата (ако ја има „зрелиот“ уметник!), според бројот на создадени дела… како? Или го чукнувате по главата, како лубениците, па ја проценувате „зрелоста“? Понатаму, ако една национална институција во оваа област – којашто, патем, претендира да биде меѓу водечките – не умее самата да си ја состави програмата, туку треба да објавува конкурси – згора на тоа глупави! – можете да замислите каква работа извршува и кои/чии критериуми задоволува. Впрочем, токму оваа институција одамна не задоволува ни селски, а камоли национални критериуми, но за тоа, очигледно, никој не води сметка. Па следствено: како овие ќе одговорат на приоритетот на премиерот односно министерката, кога нивни „приоритет“ е – „зрел“ уметник?! А под тој поим можете да замислите што се’ тие подразбираат?

Или, понатаму, ако само во Скопје – но не и во државата, што е посебен проблем – има еден т.н. дом на млади или Младински културен центар и само еден Детски културен центар, плус еден Театар за деца и млади (повторно во Скопје), како тоа ние ќе го реализираме овој приоритет на премиерот односно министерката? Се претпоставува дека тоа ќе морат да го прават другите национални, па и градски/локални институции (иако тие, по природата на нештата, можат да имаат и други приоритети!). Но, како што посочив во актуелниот пример со нашата фамозна Национална галерија, ситуацијата не е ништо подобра ни во националните институции од друг тип – сите си имаат некакви свои „приоритети“ и „фаворити“, имаат свои „стратегии“ и „политики“, зависно од директорот, неговата партиска односно етничка припадност итн. Некој ќе рече – хаос, и можеби ќе биде во право. Впрочем, не случајно токму спомнуваната Национална стратегија ги карактеризира националните институции за затворени, себедоволни, недостапни за најширокиот дел од творците и публиката. Тие, ете, да ти барале – зрел уметник! Можеби им треба и зрела публика?! Некој ќе рече дека незрелите бараат зрело. И можеби ќе биде во право!?

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close