3 мај светски ден на медиумите

Слободата на медиумите е тесно поврзана со правото на пристап на информации. Над 2 000 медиумски работници во нашата држава земаат подпросечна плата, а голем дел се имаат намера да ја напуштат оваа професија.

Последниве години и се помалку студенти се запишуваат на овој факултет. Додека пак, на светско ниво околу 120 медиумски работници го загубиле животот. Во име на 3 Мај-светскиот ден на слобода на медиумите, Здружението на новинари и Синдикатот на новинари и медиумски работници организираа крводарителска акција. Овој ден е потсетник за ризиците со кои се соочуваат медиумските работници во име на граѓаните.

 

„Не треба да заборавиме дека слободата на емдиумите се темели на два фундаменти: здравото работно место и слободата на изразувањето, односно правото на слободна мисла. Оттука треба да си го поставиме прашањето дали ние работиме во такви услови?“ – вели Павеле Беловски претседател на Синдикат на новинари и медиумски работници.

 

Новинарите и натаму работат во небезбедна средина и се мета на закани. Иако изминатиот период се преземаа чекори кон подобрување на состојбата, од новинарското здружение потенцираат дека секогаш може да се направи повеќе-особено во изборен период.

„На овие избори, медиумските работници за прв пат имаат статус на службени лица, со измените во Кривичниот закон од 2023 година. Ова значи дека напад на новинар за време на професионално вршење на неговата работа ќе се смета за напад на службено лице и казната затвор е од три месеци до три години.“ – вели Драган Секуловски извршен директор на Здружение на новинари на Македонија.

Од Црвен крст на Град Скопје посочија дека начинот на кој што во Македонија се одбележува овој ден, се покажува вредност кон животот.

„Вие сте цело време со нас, во текот на сите наши активности, ги информирате граѓаните за тоа што што се’ треба да правиме во делот на промоција хуманите вредности. Денеска, тука сте вие новинарите, медиумските работници кои што ја покажувате хуманоста на дело.“ – вели Сузана Тунева Пауновска секретар на Црвен крст на Град Скопје.

Крводарителската акција, се одвиваше во текот на денот во Скопје, Штип, Битола, Струмица. Новинарските организации уште еднаш апелираат дека властите се должни да создадат услови за слободно функционирање на медиумите, за слободно и независно работење на новинарите и медиумските работници.

Back to top button
Close