360- Џипот што го вози Рашковски е на име на еден од „тајните хонорарци“ во Владата

Според бројот на регистарските таблички, џипот е во сопственост на фирмата „Г.Б.Ц Системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видео опрема. Од огласи достапни на интернет, може да се види дека фирмата поправа компјутери, печатачи и полни тонери. Нејзин единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов. Тој Игор Христов е истиот кого Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот. Според обвинителството, како надворешен соработник, пренесувал информации за текот на тендерот. Откако луксузниот џип „исчезна“ од паркингот пред живеалиштето на Рашковски, прво го побаравме на официјалните адреси на фирмата „Г.Б.Ц Системи“, во општините Гази Баба и Кисела Вода во Скопје. Но, попусто. Фирмата постои од 2004 година и има скромни финансиски резултати до 2017. Таа година, слично на претходните, ја завршила со околу 60 илјади евра приходи. Во 2018 и 2019 година приходите растат до 210 односно 150 илјади евра, но нето-добивката е 30 односно 8 илјади евра. А, во игра е џип, чиј најнов основен модел чини 74 000 евра. Како вакво возило завршило кај Рашковски, го прашавме газдата и хонорарец во владиниот Генерален секретаријат, Игор Христов. Ни одговори дека лани неговата фирма купила два половни џипа „Волво ХЦ 90“, увезени од Германија. „Едното возило го управувам лично јас, а второто беше планирано да го управува вработен во мојата фирма. Со оглед на тоа што во меѓувреме, вработениот ја напушти мојата фирма, едно од возилата го дадов на користење на сопругата на Рашковски. Со господинот Рашковски се познаваме повеќе од 15 години. Тој нема никаква поврзаност ниту од аспект на сопственичка, ниту од аспект на управувачка структура со мојата фирма“, вели Игор Христов, сопственик на „Г.Б.Ц Системи“ и хонорарец во Владата.

Целиот на 360 .мк

 

Back to top button
Close