Османи денеска и утре ќе учествува на министерскиот состанок на Северно-aтлантскиот Совет на НАТО

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска и утре ќе учествува на редовниот состанокот на Северноaтлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, што поради рестрикциите наметнати од пандемијата ќе се одржи преку видео врска, соопшти Министерството за надворешни работи.

Согласно дневниот ред, предвидено е на состанокот министрите за надворешни работи на земјите-членки да дискутираат за приоритетни прашања на  НАТО, како и актуелни предизвици со кои се соочува: состојбите во Авганистан, влијанието на глобалните геостратешки односи врз безбедноста на евро-атлантската област, како и пошироката регионална стабилност.

Министрите ќе го разгледаат и Извештајот насловен „НАТО 2030“ што ги рефлектира стратешките потреби и предизвици за Алијансата во наредната декада, а предвидено е да бидат одобрени и неколку одлуки во врска со темите што се предмет на дискусија во рамки на НАТО.

Во рамките на состанокот, Османи ќе се обрати на првата работна сесија,  што ќе биде негов прв настап на Северно-атлантскиот Совет од стапувањето на должноста министер за надворешни работи.

Back to top button
Close