По тридневниот штрајк, јавниот превоз и собирањето отпад во Загреб се нормализирани

Јавниот превоз и собирањето отпад во Загреб денеска се нормализирани по завршувањето на тридневниот штрајк на работниците во градскиот превоз и во комуналната компанија „Чистоќа“, објави хрватската национална телевизија ХРТ.
Трамваите и автобусите повторно сообраќаат според редовниот возен ред, а екипите на „Чистоќа“ работат со полн капацитет, јави телевизијата. Во меѓувреме, синдикатите и раководството на транспортниот оператор ЗЕТ (Загрепски електричен трамвај) продолжуваат со преговорите за арбитража во врска со минимумот работни активности што мора да бидат загарантирани во случај на евентуален иден штрајк. Првата средба на преговарачките тимови е закажана за денеска попладне.
Синдикатите најавија дека ќе поднесат жалба до Врховниот суд на одлуката на Жупанискиот суд во Загреб, со која штрајкот беше прогласен за незаконски. Претседателот на Синдикатот на работниците на ЗЕТ, Владимир Јозиќ, изјави дека работниците ја почитувале судската одлука и веднаш се вратиле на своите работни места. Тој нагласи дека примарна цел на синдикатите е постигнување договор и подобрување на материјалните права на вработените, а не организирање штрајк.
Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, исто така повика на обновување на социјалниот дијалог меѓу синдикатите и работодавачот, истакнувајќи дека условите за работа треба да се подобруваат, но без притоа да се загрози финансиската стабилност на градот.
Тридневниот штрајк предизвика сериозни прекини во функционирањето на јавниот превоз и одложување на собирањето смет низ хрватската престолнина. За деновите поминати во штрајк, на работниците нема да им биде исплатен таков надомест, потсетува ХРТ.






