Во Финска отворена истрага за серија упади во домови на пратениците

Финските власти објавија дека отвориле истрага за серијата сомнителни упади во домовите на пратениците.
Претседателот Александар Стаб изјави дека, доколку се потврди, тоа би бил „напад врз демократијата“.
По медиумските извештаи за провалите, претседателот на Парламентот, Јуси Хала-ахо, потврди дека Парламентот бил информиран за значителен број провали и знаци за обиди за провала во домовите на неколку политичари, пренесува „Јуроњуз“.
„Не можам точно да коментирам за бројот на сомнителни случаи за кои знаеме, но во секој случај, бројот е значаен“, рече Хала-ахо на прес-конференција.
Тој додаде дека познатите случаи се регистрирани во подолг временски период и се верува дека првиот се случил пред околу една година.
„Во оваа фаза, нема информации за мотивот или кој е одговорен“, нагласи тој.
Заменик-претседателката на парламентот, Паула Рисико, која ја води парламентарната група за безбедност, изјави дека минатата недела била информирана за сомневањата. Таа потврди дека почетната фаза од истрагата е задолжена од полицијата во Хелсинки.
Полицијата, во официјално соопштение, потврди дека е започната прелиминарна истрага за случајот.
„Истрагата е во рана фаза и полицијата во моментов нема дополнителни коментари“, се наведува во соопштението.
На сите пратеници им е кажано да останат внимателни, да го пријават тоа што ќе го забележат и, доколку е потребно, да поднесат полициски извештај.
Весникот „Илта-Саномат“, претходно неделава, објави дека пратениците минатата недела биле предупредени за можни провали во домовите и дека весникот има сознанија за најмалку два упада во домови.
Финскиот претседател Александер Стаб оцени дека „напад врз пратеник воедно е и напад врз демократијата“.
„Ова не смее да се дозволи или прифати во никаква форма“, им рече тој на новинарите на презентацијата на новите борбени авиони Ф-35 во Рованиеми, северна Финска.






