Вaкцината за Ковид-19 ќе биде бесплатна и нема да е задолжителна
Вакцината за Ковид-19, која се очекува да пристигне во почетокот на следната година нема да биде задолжителна, а ќе биде бесплатна за сите граѓани, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Како што посочи, набавната цена за една вакцина, според иницијалните документи кои ги добиле преку ковакс механизмот, е 10 долари.
Во однос на динамиката на пристигнување на вакцините, Филипче најави дека се очекува преку ковакс механизмот, на почетокот на следната година да пристигнат, веројатно во првите два до три месеци. Посочи дека во прашањето кога точно се очекува да пристигнат, е упатено до институциите.
Што се однесува до чување на вакцините, Филипче истакна дека вакцините се кај економските оператори кои што увезуваат. Тие ја преземаат обврската за дистрибуција до вакциналните пунктови и според него, тоа е најлогичен, најпрактичен и најлесен систем.
-Во однос на чување на вакцините, сега, историски наназад гледано долг период кај нас, вакцините се кај економските оператори кои што увезуваат. Понатаму, тие ја преземаат обврската исто така за дистрибуција за вакциналните пунктови и сметаме дека е најлогичен, најпрактичен и најлесен систем оваа вакцина да се доведе на тој систем со тоа што во системот на чување и складирање само ќе се додадат овие фрижидери кои што ќе ги добиеме за -70 температура, а за сите други магацински простори веќе имаме согласнот од економските оператори да ги користиме и за оваа вакцина, рече министерот на прес-конференција во одговор на прашање.
Тој додаде дека вакцината нема да биде задолжителна, но во исто време нема ни да се наплаќа така да секој кој сака, ако одговара може да се вакцинира.