Кинески вирусолог: Нови видови коронавирус се закана за луѓето
Кинеската научница Ши Чанли од Институтот за вирусологија во Вухан, предупреди дека во некои области во јужниот и југоисточниот дел на Кина, лилјаците се носители на други видови коронавирус, кои уште сега можат да се пренесат на луѓето.
Таа оцени дека е можно тие опасни вируси веќе да циркулираат и надвор од границите на Кина, пишува лондонскиот весник „Гардијан“.
– Тие вируси треба да ги побараме и во другите земји на Азија, не само во Кина – предложи Ши, која е позната по прекарот „Бетвомен“, бидејќи се занимава со изучување на коронавирусот кој го пренесуваат лилјаците.