Дипломатија „кој во клин, кој во плоча“!?

(Македонија се провира низ “иглени уши”: во Софија-изјави за бугарски уши, во Скопје – попевки и рецитали за домашни напатени души!)
Премиерот, во Софија, испрати тешка, ТЕНКОВСКА, артилерија (!), свој специјален претставник (олеснувач и мотиватор!) во Софија на умилкување, истиот ден, кога самиот удри најжестоко против “столицата”!?
Какви се тоа “усогласени” чекори, каква е тоа консеквентност? Денеска – умилкување за бугарски уши, утре – попевки и снимени рецитали, јуначење, за домашни уши, напатени и премалени души!?
И, сега, кој направи, цитирам: “ТЕШКА, геостраТЕШКА, ГРЕШКА”?
Кој, ја патентираше РИМАТА?
И што остана за нас, на крајот! Едно големо ништо! Наместо “додадена вредност” добивме – пресметана штета! Наместо македонски претставник, добивме бугарска медиумска платформа, преку која Захариева ни плеска в очи: “не ве зарезувам ниту под разно”, исто како што од Брисел, поддршката за вас беше под “точка разно” (any other business)!
Се на се – шупливо и празно!
Се разбира, дека, сето тоа беше очекувано. Политиката не признава емоции. Во Брисел не им веруваат ниту на солзите, ниту на воздишките, ниту на “сјајот во очите” ( а не “во тревата” – Елија Казан и Натали Вуд!), со кој сакаме некого да импресионираме, да му се умилкуваме.
Високата политика не е за наивни. Високата политика, е, пред се, дипломатија втемелена на искуство, на добри познавања, на моќ за антиципација, на претчувство.
Претчувството, пак, е дар божји, ама треба дипломатска писменост за навреме да се прочита, затоа што доага од темна густа шума, во нашиот случај, од темни и долги дипломатски лавиринти.
Во дипломатијата тоа можат да го прочитаат само искусни волци, а не партиски доброволци.
Партократијата и дипломатијата немаат ништо заедничко. Земја која нема амбасадор онаму каде реално се одлучува (Вашингтон), или, пак, онаму каде итаме на поклонување и умилкување, не се есапи за сериозна земја.
Земја, чии лидери, денеска даваат понижувачки изјави – наменети за понадвор (во случајов за Бугарија), а утре се јуначат со напишани рецитали, со истовремен загрижен поглед и без “сјај во очите!” и спуштен гард, нема перспектива.
Високата политика е прагма, е не јагма!
Да се стави иднината на земјата, на тасот на преговарање и договарање, со земја во чиј народ (политички претставници) се вгнездиле кодот и генот на послушноста и слуганството, е политика “грлом у јагоде”, што би рекле северните браќа.
Професорот Спасов, пишува дека народите од сите бивши југословенски републики, ни се поблиски браќа од Бугарите. Тој е професор, можеби се потпира на некоја фундаментална наука. Или, пак, сака да испрати порака, дека, не треба така лесно да си одбираме и прогласуваме браќа.
Реалистите не би се двоумеле: “иста мета– исто одстојање!”.
Во политиката, нема браќа – ниту по вера, па, ниту по крв. Има само интереси. Има само знаење.Тој што мисли дека Бугаринот, туку така, ќе и се спротивстави на цела Европа, па дури и на САД, тој не знае ништо. Ниту за историјата (фашистичка и монархистичка!), ниту за денешницата – пресметлива и прагматистичка.
Да, имало Бугарин – космополит, интернационалист и храбар револуционер, кој знаел да му сплеска дури и на еден Геринг: “кога ние Словените, имавме писменост, јазик и култура, вие Германците својот јазик го користевте само во шталите, во разговор со коњите”! Тој Бугарин, станал премиер, ја спасил честа на денешните Бугариja, ама неговите денешни политички чеда бегаат од него како ѓавол од темјан!Коските му ги прекопуваа, го спалуваа и препогребуваа!
Тоа што Бугарија ни го направи нам како земја, немаше да го направи, ако навистине, сите земји членки на ЕУ, искрено и беспоговорно стоеа зад нас. Бугарчето не играло така никогаш. Понизноста и ситната прагма, секогаш го терале да застане на погрешната страна од правдата и праведноста, некои велат – историјата.
Бугарчето, бидете сигурни, и овој пат, чекало некој да го осили, да му намигне од зад сцената.
Тоа требало однапред да се антиципира.
Сега е доцна за жалопојки и спуштен поглед.
Веле Митаноски






