ОБРАЗ ОВА НИ Е
Насловот е всушност препишана парола од времето на „Македонската студентска пролет“ односно студентиските протести во 2017 година. А имаше и многу други пароли испишани – кој како знаел и умеел – на „направи сам“ транспаренти што студентите ги шетаа низ центарот на Скопје. И не само студентите, нели, имаше и по некој професор, иако ретко. Меѓу нив беше дури и легендарниот Ѓорѓи Маријановиќ, со сопругата, но на протестите тогаш поддршка им даде и академик Филиповски, па Шоптрајанов и уште неколкумина други.

А на сето ова се присетувам со цел, листајќи ја неодамна отпечатената книга „ПРОТЕСТ(И)“ што ја подготвивме со Ацо Кондев (негови оригинални фотографии и мои текстови од тоа време). Велам се присетувам со цел, а на тоа ме натера последниот случај со оној налудничав „учебник“ по персонологија, и со уште поналудничавите „одбрани“ од страна на надлежните на Филозофскиот факултет. „Учебникот“ наводно бил поткрепен со научни ставови од странска литаратура! Ма ајде богати. А ако некој учебник по географија исто така се потпре на некоја странска литература што тврди дека Земјата е плоча, и тоа ли ќе го оправдате и ќе го препорачате за настава? И таков учебник ли утре ќе им стокмите на студентите? Толку ли навистина може да биде идиотски македонскиот образовен систем? Толку ли можат да бидат затуцани, закоравени, заглупени… македонските високообразовни државни инститтуции? Можат, и повеќе од тоа! Зашто, речиси е неверојатно не тоа што некој напишал такви глупости какви што напишал, туку што тоа опстојувало со години на Филозофскиот факултет, а студентите морале да учат од него. Следното логично прашање е: зарем на Филозофскиот факултет во Скопје нема професорки кои би се осмелиле да реагираат на, на пример, тврдењето на дотичниот „професор“ дека „Голем дел од женските особи чија коса е кратко пострижена и кои не носат типично женски украси, а постојано се облечени во панталони – имаат тешкотии во прифаќањето на сопствениот пол“!? Или тие не носат „панталони“ и „кратко пострижена“ фризура? Па вие нормални ли сте? Или и тука, по којзнае кој пат, проработила „логиката“ – не се замерувај со колегите (без оглед какви идиоти се)?! Згора на тоа, има ли деканот на Филозофскиот факултет „објаснување“ и за зборовите „особи“ и „пострижени“, односно дали и тоа спаѓа во професорската слобода не само да тресат глупости туку да ги тресат и на немакедонски јазик? Дури и да е шега, премногу е. А не е.
Не само што сето ова прозвучува навистина надреално, налудничаво и сто насто откачено, туку човек се прашува дали ова е таа автономија на универзитетот за која што се крена толкава врева, па имавме студентски пленум, па средношколски пленум, па професорски пленум… Има ли нешто да каже баш тој професорски пленум, или и тие не се мешаат во „стручната“ работа на колегите? А, „професор(к)и“?
И повторно ќе се вратам на насловот „Образ ова ни е“ односно на брилијантната игра со клучниот збор „образование“, којашто погаѓа директно во сржта на проблемот! Зашто тоа што се случува(ше) со македонското високо образование, и македонското општество во целина, токму го отсликува(ше) нашиот образ. Или безобраз, како сакате. Како што, се разбира, и многу други пароли од скопските студентски протести ќе останат запаметени како израз на сериозен бунт против налудничавото бирократско и во суштина антиреформско и антидемократско решавање на проблемите во високото образование. Македонските студенти тогаш порачуваа: „Кој ќе ве тестира вас?“, „И од образованието сакате да направите споменик?“, „Професори искажете став“, „Студентот има должност да го заштити факултетот од Владата“, „Образование а не дресирање“, „СТОП за лошите реформи“, „Не ви го даваме утре“, „Менувам индекс за амерички пасош“… итн. И тоа беа/се пароли што речито – некогаш сатирично но најчесто директно – ги коментираа актуелните состојби не само во образованието, туку во сите сфери на живеењето. И искажуваа став, и барања.
Она што денес, после се’ но и после случајот со овој „учебник“, се наметнува е прашањето: вредеше ли онаа 2017 година? И одговорот: очигледно – не! Зашто, да вредеше, прво, немаше повторно да биде избран истиот ректор како од времето на груевизмот. Да вредеше, второ, денес не ќе смееше да се појавуваат вакви „учебници“. Да вредеше, деканот на Филозофскиот факултет немаше да смее така ноншалантно да го брани колегата-професор и неговите глупости. Да вредеше… денес ќе имавме комплетно поинаква ситуација.
Златко Теодосиевски






