Османи: Нема да има амбасадори со двојно државјанство

Денеска започнува јавната расправа за нацрт Законот за надворешни работи што го изготви работна група на МНР, информира министерот Бујар Османи, додавајќи дека за текстот биле консултирани и синдикатите. Тој вели дека со новиот закон се јасно прецизирани надлежностите на Министерството, Владата и претседателот на државата, како и односите меѓу овие институции.


– Само државјани на Република Северна Македонија ќе можат да бидат избрани за шефови на ДКП и амбасадори, потврди Османи.

Османи откри дека согласно новиот Закон, кој очекува да биде усвоен во Собранието, 75% од амбасадорите ќе произлегуваат од МНР, односно ќе бидат дипломати од кариера, за сметка на политички избраните што доаѓаат од општествениот живот.

– Ќе се воведе јасен систем на кариера, со дистинкција меѓу дипломатите и административните службеници. Дипломатите ќе бидат посебна категорија и тие ќе се вработуваат преку мерит-систем, додека административно-техничките служби ќе продолжат да се водат согласно одредбите од Законот за административните службеници, од кој пак ќе се изземат дипломатите, изјави Османи.

Back to top button
Close