Во замена за пелцување, спасете не од исмејување и понижување!?

Не е грев да се нема вакцина. Не е грев и да не се знае како да се донесе во земјата.
Дури, и кога, веќе, ја немате, а некој сака да ви ја подари. Сеедно дали сте “држава со пари!”, те можете да ја платите, или пак, подарувачот ќе се смилува да ви ја даде – по набавна цена!
Дури, и не е грев, ако ви ја подарат (заедно со подарените фрижидери), уште и ви ја донесат дома, а вие не знаете како, односно не можете да ја примените. Не можете, едноставно – од административни “соображенија”, а вие сте, нели, АДМИНИСТРАЦИЈА!?
Каква администрација сте вие? “По свему судеќи” – високотолерантна и бескрајно “широкогруда”!
Вие, другари и другарки, дозволивте Ана (Брнабиќ) и Вучо (Алчександар Велики), да си играат дрндупка со вашите поданици, со вашиот народ.
Следете го малку и српскиот печат. Вучо, на нас, тренира добротворство, филантропство, хуманизам – до непрепознатливост. Со сета негова драматика, паузи и широки бузи! Не можеме, вели, да бидеме среќни, ако соседите ни се несреќни! Аферим,брате, Вучо!
Света Ана Двојна – мислам световна и духовна, отиде уште подалеку. Откако не “испофали!” дека немаме соодветна администрација за сами да си се вакцинираме, TAA, онака мајчински – не кани таму, таа да НЕ ПЕЛЦУВА! Чудно некое добрососедство. Јас не верувам во премногу “доброта и лепота”.
Не дека тие нема да ни го дадат (според едни медуми кај нас -5.000, според други 8.000 вакцини!) ветеното. Ќе ни го дадат, сеедно – дали за да се “сетат Власите” (тоест Б ,лгарите), или да им се покаже на Европа и Балканците – кој е кој по Балканите! Дека е тоа само поради нас, тоа, малку морген!
Имаше и сполај му на Горниот – сеуште има, колеги и колешки во Скопје, демек во “метрополата на журнализмот!”, кои, до вчера “тиранинот од север” го нарекуваше, отворено ЛУДАК! Сега предат, ничкум и мачешки,сосема друга приказна. Примери, егземплари за метропoлски, демек, елитен журнализам. Се од нив зависи. За секое грнче имаат капаче! Цел свет се врти околу нивните заоблена половини! За се имаат рецепт, за се има совет. Нека ни се живи и здрави, ќе најдат решение и за ПЕЛЦУВАЊЕТО!
Експертутка,до експертутка! Мудруваат,ли мудруваат!?
Белким ќе најдат формула и за тоа како ќе не пелцуваат од после Куманово – натаму и нагоре. Најверојатно, ќе го одберат Предејане: вакцина – комплет со лепиња на кајмак!
Таму ќе не чекаат и Вучо и Ана. Изобилство: вакцини и од Трамп (Бајден е нов) и од Путин и од Џинпинг. Вучо со сите нив е на ТИ, говори (свири и игра!) и по американски и “па руски” и “пo китајски!” – “да га цео свет разуме”!
Можеме да бираме, широк избор: кој, која вакцина ја сака. Можеме да бираме, (според афинитетот и ПРИПАДНОСТА !) и кој ќе ни го “забибери”, опростите ПЕЛЦУВА. Тие што ја преферираат ПРИПАДНОСТА на Света Ана – правец Брнабиќ. Другите – директ Вучо. И таму има ДВОЈНА можност, мислам подеднаква за ПРИПАДНОСТИТЕ!?
Знам дека ќе имаме само еден проблем. Не сум сигурен дека по Стоилковиќ, ќе застант, во ист ред и Македонците и Албанците, односно Албанките.
Нашиве, зафатени со пописот и како да им “УЧИНАТ” што повеќе на Албанците и Албанките, најверојатно, од немање време, подзаборавиле дека македонските Албанци и Албанки, баш и нема да се испотепаат, за да застанат вo редот СЕВЕРЕН – пред Ана и Вучо!
Или, можеби, грешам, не знам!
Или, можеби ќе кажат: oдете вие постројувате се на СЕВЕР, а ние ќе одиме на ЗАПАД!
Веле Митаноски
ПС:
Македонска тра-ла-лајка:
Когa Албанец
Како Рамиз на Боро
Братски ќе те стисне
А Грк – потисне
Бугаринот
Ќе те клоцне
Србинот, не плаши се,
Нема шмајзер
Ќе те боцне
Со Фајзер
Ти, умен на владиката Његош:
“Сирак пусти
Без нигде никого”.
Ти учи од “чика Ѓуре”:
“Падајте браќо, плините у крви
Пуистите мене, да бежим први”!






