Активни 8667 случаи на Ковид-19, ќе се набавува најсофистицирана терапија за лекување

– И покрај тоа што се бележи стабилизација на бројот на заболените од Ковид-19, вчера беа регистрирани нови 336  случаи. Сепак, надлежните остануваат на ставот дека вирусот е под контрола и најавија набавка на нова најсофистицирана терапија за ковид-пациентите.

Целата терапија за третман на ковид-пациенти кај нас веќе е достапна, а како што најави вчера министерот за здравство Венко Филипче, дополнително ќе се набави нова терапија.

Поточно, Министерството за здравство вчера испратило писмо до Европската комисија за резервација на најсофистицираната моноклона комбинирана терапија на антитела за третман на пациенти заболени од Ковид-19, со „коктел“ од „casirivimab” и „imdevimab”.

– Првпат во нашата земја ќе стигне најскапата терапија за ковид, т.н моноклони антитела, специфична за овој вирус. Во истиот момент кога ќе биде на располагање на европските земји, ќе биде и кај нас, истакна вчера Филипче. Овој лек ќе биде набавен со помош на кредит од Светска банка.

По потврдувањето на првиот случај на британскиот сој на вирусот, лекарите предупредуваат дека тој веројатно ќе стане доминантен во земјава поради поголемата способност за ширење.

Докторот Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“, каде што беше детектиран британскиот сој на Ковид-19, вели дека оваа варијација на вирусот веќе циркулира кај нас, а поради неговите особености најверојатно ќе стане се подоминантен, поради што треба да има постојан мониторинг со воведување нови методологии.

– Препораката од СЗО и Европскиот центар за контрола на заразни болести е барем пет отсто од сите позитивни изолати да се секвенционираат со цел утврдување на промената на соевите, а тоа ќе биде релевантно за самите стратегии за сузбивање на пандемијата, на пример дали ќе треба да се преземат порестриктивни мерки, бидејќи многу полесно се пренесува, дали ќе има влијание врз ефикасноста на вакцините, рече Кунгуловски.

Тој појасни дека за неколку месеци, британскиот сој ќе стане доминантен и во државава и во многу земји, бидејќи многу полесно се пренесува од претходните соеви.

Back to top button
Close