„Ќе се обидат да ме убијат, уапсат или лустрираат“ – Вучиќ најави дека ќе го скрати својот пратенички мандат
Александар Вучиќ денеска изјави дека новата власт на „Студентската листа“ не може да го поднесе и толерира во Народното собрание.

„Или ќе се обидат да ме убијат, или да ме уапсат, или пак да донесат закон за лустрација – што Иванка Поповиќ веќе го најавува – бидејќи кога не можете да се справите со политички противник, дури и кога тој е во опозиција, и кога не можете да го победите со знаење и аргументи, тогаш морате да посегнете по такви мерки“, рече Вучиќ за време на седницата на Народното собрание.
Тој најави дека „дефинитивно“ нема да го одработи целиот мандат во Народното собрание, бидејќи сака таа улога да им ја препушти, како што наведе, на помладите луѓе.
„Сметам дека во иднина треба да се потпрете на други луѓе и да им го препуштите местото. Јас ќе им помагам колку што можам на терен, ќе ја обиколувам Србија, ќе разговарам со луѓето и ќе се обидам, во согласност со законот и демократските начела, да ги поразам оние за кои сметам дека го претставуваат најголемото зло за Србија во нејзината модерна историја“, рече Вучиќ.
Претходно, Вучиќ изјави дека конечно сфатил од кого Српската напредна странка изгубила на изборите.
„Доволно беше само да ги слушнете нив – не нас, туку нив. Исто како што беше доволно тоа што денес, дури и со поддршка од пратениците на малцинствата, едвај стигнаа до 126 пратеници во 10 часот. Толку за сериозноста и одговорноста“, рече Вучиќ






