Лажните вести и квазиинтелектуалниот хетеросексизам на Венко Андоновски
Откако минатиот викенд ја прочитав колумната По(а)рно сексуално образование во Нова Македонија на Венко Андоновски, не можев да престанам да мислам на неа. Андоновски ми беше познат како интелектуалец и успешен писател, но наеднаш читав нешто што личеше на некохеретен бумерски Фејсбук статус, а не колумна во етаблиран весник. Процесот на аргументација на колумната е отприлика овој:

Jас и моите пријатели немавме сексуално образование, па пак направивме деца (хехе). Не треба децата да учат за секс од порно страници ама па и ССО (Сеопфатно Сексуално Образовение) не ми се свиѓа. Исто така верата и љубовта не можат да се изучуваат „разумно“, па затоа не можеме да имаме сексуално образование. Во ССО програмите ќе се изучува за различни родови идентитети и сексуални ориентации и ова образование „преку грбот на децата, [пробува да го] реши проблемот со општественото прифаќање (па дури и ВИП-вреднување) на хомосексуалноста“. Наместо ССО, јас предлагам да имаме предмет Уметност на лубовта и една од лектирите за тој предмет треба да биде „Лолита“.
Обично не би трошела време на демантирање на аргументи на вакви текстови, но оваа колумна многу ме загрижува не само бидејќи е напишана од некој како Венко Андоновски, туку и бидејќи практично нема извори кои се цитирани и делумно се заснова на лажни вести.
Најпрво, мислам дека ваква колумна треба да не загрижи бидејќи доаѓа од писател и професор кој се смета за врвен интелектуалец во македонската јавност. Неговиот роман „Папокот на светот“ не само што беше екстремно популарен, туку и се сметаше за висока литература. Многу читатели може автоматски да ги сметаат ставовите изразени во оваа колумна како легитимни, токму поради авторитетот кој Андоновски го има заради своите литературни и академски достигнувања. Интересно е што дел од аргументот се базира на референци на дела од така наречената класична литература како „Ана Каренина“ и „Госпоѓа Бовари“ кои Андоновски ги препорачува како лектири за предлог-часот Уметност на лубовта. Преку овој реторички потег, Андоновски креира илузија на интелектуалност. Односно, преку овие референци, Андоновски се издвојува од обичните сексисти и хомофоби. Тој не користи експлицитно сексистички јазик, туку Андоновски пишува за Лав Толстој и Томас Ман. Андоновски дури и ја предложува „Смрт во Венеција“ како лектира. Па може ли ваков човек да е хомофоб?, ќе си рече некој читател. И тоа како.
Второ, мора пак да напоменам дека ова не е нешто постирано на личен профил на социјални медиуми или на личен блог, туку е објавен текст во етаблиран македонски весник. Текстот нема јасно дефинирани референци и извори за некои од ставовите, односно Андоновски референцира одредени извори како на пример Џозеф Анвин („Сексот и културата“, 1934), но е не до крај јасно каде точно може да се најдат овие информации, како на која страна или од која издавачка куќа се објавени овие студии. Валидноста на аргументот не се сведува на научна или логична аргументација, туку на „верувај ми бе, јас сум Венко Андоновски“.
Едноставно морам да прашам, каде е уредникот на Андоновски? Како некој не му кажал дека оваа колумна (како и уште многу други) имаат сериозни проблеми во нивната аргументација и новинарска легитимност? Секако, во колумна авторот или авторката изразува сопствено мислење и став по одредено прашање, така што колумната како жанр има одредена вградена субјективност. Но, сепак тоа мислење мора да биде поддржано со факти, извори и логична аргументација. Ако тоа не е така, дури може таа колумна да навлезе во реонот на лажни вести. Сметам дека Андоновски тоа го прави во оваа колумна, но тој особено шири лажни вести во неговата хомофобична колумна од Септември, 2020 со наслов Подалеку од децата, крвопијци умоболни. Андоновски го пишува следното:
Читам наслов: „Саем на деца во Брисел“. Читам текст: „Веќе четврти пат, американската организација Men having babies (Мажи што имаат деца), ги отвори денеска и вчера (22 и 23 септември) вратите на „саемот на деца“ во Брисел, за хомосексуалци што бараат „родителски можности за европските хомосексуалци“, целосно игнорирајќи ги европското право и правото на поединечни европски земји… Најниската цена е 95.000 долари (пред четири години беше 60.000 долари), а максималната сума е 160.000 долари. (…) Акцентот е на децата, односно на трговијата со нив. Се ПРОДАВААТ деца.
Кој не би бил гневен по читање вакво нешто? Трговија со деца каде што стотици илјади долари се во прашање? Ако сте хомофоб, оваа вест веројатно уште повеќе би ве разлутила. Но, има мал проблем со колумната на Андоновски: „саемот за деца“ никогаш не се случил на начинот на кој што е опишан од Андоновски. На 21ви и 22ри септември (ни датумите не се точни во колумната), Men Having Babies имале конференција за родителство кај геј мажи, не саем на деца. Секако и во оваа колумна нема референцирани извори за овој настан, така што читателите не можат лесно да ја најдат оваа вест. Прво, отидов на веб страната на Men Having Babies и секако немаше никакви информации, ниту пак цени за бебиња. Men Having Babies е едноставно организација која им помага на геј мажи да имаат деца, го промовира користењето на сурогат мајки и создава мрежи на поддршка. Кога побарав „Brussels child fair“, успеав да најдам неколку медиуми кои ја пренеле веста меѓу кои и Remix Media каде што исто така немаше референци или јасни извори, но и медиуми кои ја сметаат веста за анти-ЛГБТи пропаганда. Исто така во истражувачки напис од Hungarian Spectrum, е објаснето дека Remix Media е уште еден веб сајт кој има врски со Фидез, крајно десничарската партија во Унгарија предводена од Виктор Орбан, и кој објавува пропангадистичка содржина на англиски јазик. Сепак не е до крај јасно како е почната оваа вест бидејќи најдов различни написи на повеќе јазици (италијански, српски, итн.) како и на религиозната веб страна Union of Orthodox Journalists.
По ова мало интернет истражување ми стана јасно дека колумната на Андоновски шири хомофобија базирана на лажни вести
(…)
Kолумната на Елена Гаговска во целост прочитајте ја на Медуза





