Етничкиот тотем

Не го разбирам молчењето или одобрувањето на предлогот на БЕСА за вклучување на етничката припадност во личните карти. Дваесет години по конфликтот од 2001 година и Охридскиот договор, по сите напори за исклучувањето какви било причини и околности кои правата на помалите етнички заедници би ги довеле во подреденост, и по законот за употреба на јазиците, овој предлог нѐ враќа во некоја примордијалност, кон прапочетокот на темата за која мислевме дека е затворена.

Можеби тоа е резултат на фактот што некогашната ОНА, трансформирана во ДУИ, ги монополизираше заслугите за Охридскиот договор, кој со години се наметнува како партија мајка/матица во албанскиот блок, дури и со став дека на Албанците не им се потребни толку партии. Со тоа како директно да им наметна потреба на другите партии на Албанците да си трагаат по свој етнички трофеј, по значка на партискиот ревер, со која пред гласачите би парирале со свој учинок и придонес кон етничката кауза.

Не е грев да се трага по нов наратив, особено ако партиите во албанскиот блок преку тоа најдат начин, преку реални теми да ѝ парираат на партијата, која повеќе од една деценија е забетонирана во власта, користејќи ги токму етничките ловорики.

Но, прашањето е – зар разликата не треба да се направи со различност во понудата? Зошто изборот повторно мора да биде од атарот на етнички теми?

Не е демоде, туку тотално анахроно ако две децении зборуваме за интеграција, за еднаквост, за важноста на граѓанското пред етничкото, а добиваме предлог етничката припадност да ни биде запишана во личната карта. Со која цел? Што ќе биде следно – запишување и верска определба, или тетовирање на етничката припадност на чело?

Како БЕСА ќе го „продаде“ овој предлог, и како заедно со коалициските партнери СДСМ и ДУИ ќе го оправдаат, во време кога националната стратегија на владата е „Едно општество за сите“. Што бара „нацртана“ етничката припадност во документ за идентификација?

Поразително е ако е целта да се направи етничка контратежа за категоријата државјанство. Се срамат ли Албанците од македонското државјанство? Небаре е тоа хороскопски знак, па за читање на ѕвездените пораки нужно е да го потенцираат и подзнакот.

Целата колумна на Катерина Блажевска на „Призма“ на следниот линк.

Back to top button
Close