Д-р Илчо Ефкоски- Нашето однесување е прва одбрана од пандемијата,вакцините ке помогнат но не се клучни

Да се разбереме навреме, некој лошо советува и прогнозира. Наша прва линија на одбрана од вирусот останува нашето индивидуално однесување!! Способноста на властите да креираат контра мерки засновани на научни докази е клучниот момент за излез од пандемијата, не се вакцините!
Вакцините ќе помогнат, но не во таа мерка да може да се откажеме од заштитните контролни мерки за вирусов. Дополнително, доколку не се забрза нивното распоредување низ целиот свет на фер и правичен начин, целиот свет останува во опасност до следната мутација.
Реалноста во моментов е дека оваа пандемија добива само на замав, дека вакцините сами по себе нема да стават крај на оваа борба. Сите треба да се осигураме во нашиот оптимизам за вакцините и да не ги заборавиме опасностите од овој вирус или дејствијата што сите треба да ги преземеме, за да се заштитиме себеси и едни од други.
Да потсетиме, класифициран е во групата на најопасните – класа 4! КОВИД-19 се уште убива илјадници луѓе секој ден по светот. Секој од нас има одговорност да остане високо претпазлив и да ги практикува превентивните заштитни мерки, кои докажано го спречуваат ширењето на вирусите и нивните мутации.
Луѓето (напомена и за медицинските работници кои од утре ќе се вакцинираат), дури и оние кои примиле вакцина против КОВИД-19, мора да продолжат со физичко дистанцирање, да останат колку е можно повеќе дома, да носат маска/респиратор за да се заштитат себе си и останатите, и темелно да ги мијат рацете.
И да не развивате тешка болест, вие сепак може да сте преносители. Трпението е клучно, а посветеноста на пандемијата е неопходна за да може да продолжиме понатаму.
Способноста да се чуваме безбедни и здрави е буквално во наши раце цело време. До луѓето е, до нашата дисциплина. Алармирам да се пратат глобалните дневни смртни случаи на КОВИД-19. Моменталните пикови се чини дека се резултат на појавата на двете нови варијанти.
Варијантата VOC 202012/01 (онаа од која трепери светот), откриена за прв пат во Велика Британија во декември, полесно се пренесува меѓу луѓето отколку другите варијанти и побрзо се шири низ целата земја, како и во повеќе од 40 други земји во светот.
По неофицијална информација од теренот и МАНУ, највеќе вакви случаи кај нас има во градот Прилеп. Втората варијанта, 501Y.V2, која неодамна беше откриена во Јужна Африка, е откриена во најмалку шест дополнителни земји и доаѓа во време кога африканскиот континент е во на најлошиот период на КОВИД-19.
Во текот на изминатите шест недели, Африка доживеа континуирано зголемување на нови случаи, како и зголемување на смртноста. Таа е откриена и во Грција, која за сега нема отворени граници и која во моментов е под тежок карантин.
Светот се подготвува за наплив на случаи по периодот на годишниот одмор, во кој милиони луѓе ширум светот патуваа и се собираа со роднини и пријатели. Мутациите се разнесоа, а кај нас слабо се детектираат. Докажан, постојан двигател на пандемијата е собирање на луѓе во затворен простор (било јавен или приватен/домашен) од различни домаќинства, без одржување на физичка дистанца или носење на маски.
Пазете се, ништо не е завршено со пандемијата.






