Зборот што недостасува

Немам дилеми дека во 2016/17 година повеќето од нас искрено мислевме дека се случува нешто големо, нешто сериозно. Кој колку придонел во тие случувања во моментов можеби и не е најважно иако, повторно, многумина од нас отворено „се ежат“ кога гледаат некои шушумиги како си придаваат значење на првоборци за правда, дури и команданти, како ги користат сите можни лични, групни и партиски врски за самопромоција во чисто лукративни цели, како токму таквите станаа фаворити (и) на оваа власт. Но, велат, кај нас тоа оди во пакет со секоја посуштествена општествена промена. И можеби тоа е клучниот збор што – барем мене – ми недостасува веќе четири години: суштествена општествена промена! Спомнативе шушимиги (некој со право ги нарече борци за грантови!) ќе си статираа и понатаму (тоа впрочем им е животен манир) ако другите навистина имаа сериозни намери за иницирање на суштествени општествени менувања, со што нештата ќе се движеа по сосема други канали. Вака, статистите направија преврат, се шмугнаа во кастингот и добија главни улоги! Е па затоа и филмот ни е ваков, нели?

Како и да е’, ние (не)културниот шок го преживеавме, со последици, се разбира, не мали, но тоа требаше да биде последната фаза пред обновата, пред реформите, пред суштинското менување на целото општество. Не за сите, сепак, секако не за барабите, не за криминалците, не за клиентите и абонентите… Но, ние упорно како да одбиваме да почнеме нов филм туку инсистираме на продолжеток, на втор дел од првиот филм – оној на пребеганото „фирерче“ и неговите орди гаулајтери, сега освежени со нови, наводно прогресивни сили и идеи. И можеби со други режисери и продуценти, но со генерално истата поделба на улогите. И на – добивките, се разбира! Зашто, инаку, кои и какви/колкави би биле причините ние толку длабоко да завлегуваме во последната фаза на (не)културниот шок викана адаптација односно прифаќање на шокот? Кои и какви/колкави причини би имала (и) оваа власт се’ уште да плаќа за нивните злосторства – иако со наши пари, но белки има и попаметен начин тие пари да се потрошат? – се’ уште да не знаеме да излеземе од лавиринтите на криминалните зделки на злосторничкото здружение, највисоките врвови на власта уште да не’ улулкуваат во прегратките на кичот (центарот на Скопје, „Белата шампита“, сите оние други одвратни јавни објекти што ги користат, дури ги довршуваат во истиот манир…), во ефектите на авторитарниот пристап, во моќта на функцијата, во изнудените аплаузи од клиентелата… но и од неограничениот пристап до државниот буџет, секако, како основен предуслов. Сето ова во македонската реалност го наметна оној (не)културен но очигледно фантастично примамлив единаесетгодишен шок, денес со продолжено траење преку разноразни релативизирачки инструменти и инструментализирани поединци. Дури, во дадени мигови, а немајќи други „аргументи“, се потегнува и крилатицата „а зошто да не?“, па сето тоа е платено со парите на граѓаните, па реформите се долготраен процес…! Целата повеќегодишна борба се сведе на такви „аргументи“ и на она „а зошто да не?“: а зошто да не СК 2014, а зошто да не „Белата шампита“… а зошто да не и заедничка влада со бившите криминалци, а зошто да не корупција и непотизам… а зошто да не…?!

Ние, де факто, денес прифативме и дури амнестиравме се’ против што до вчера се буневме, пишувавме низ медиумите, шетавме низ скопските улици, некои ги бојадисуваа главните „мети“ на режимот барајќи промени… Имавме и два исклучителни учебници за буната, две „библии“: извештајот на Прибе за „заробената држава“ и документацијата и сведоштвата за однесувањето на режомот во периодот 2006-2017 година. Тоа беше незаменлив материјал за секој кој сакаше сериозно да се бави со раскрстување со бившиот режим и освестување од шокот. Ама не го прочитавме материјалот, нели, или оставивме секој да го толкува на свој начин? Или пак, повторно, прифаќањето на шокот беше полесниот начин? Но, дали сега сето тоа ни се враќа, со камата: преку „преспанизацијата“ (за којашто сите велевме дека е неопходна, а испаѓа дека не била), преку „бугаризацијата“ (за којашто повторно ни велат дека е неопходна, а ќе испадне дека не била), преку вакцинацијата (за којашто никој ништо не ни кажува), за корупцијата, за непотизмот, за партократијата…?

Каде и да допрете, сликата е иста: во културата, во образованието, во науката, во здравството, во јавните претпријатија, во државната администрација, во општините… Nula dies sine scandalo! Во Македонија одамна нема сериозна наука, здравствената криза кулминира, образованието пет години дреме на ловориките на студентските и професорските протести и не мрда ни милиметар напред туку само надоградува скандали… културата и нејзиното веќе очебијно скандалозно живуркање и понатаму е terra incognita за власта и нејзините челници… Ние дефинитивно стануваме не само слепо црево на Балканот туку и црна дупка за светот. Тој свет бара рационално и одговорно однесување, наложува комуникација, размена на информации, сериозна стручност и компетентност. И работа, напорна работа, секако. И тоа се зборови што недостасуваат во нашиот современ вокабулар. Томас Фридман во „Светот е рамен“ги опишува силите што го „израмнуваат“ светот и создаваат конвергенција на повеќе системи во еден. Тоа не е само онаа т.н. глобализација, туку многу повеќе. Тие сили ги вклучуваат ширењето на информатичката технологија, на on-line заедници што соработуваат меѓу себе, на т.н.  offshoring и outsourcing…

Каде сме ние во тој нов свет? Среде гробиштата викани СК 2014, во „Белата шампита“ и во „Белата палата“, во двроските игри на онаа морбидна собраниска сала, во партократскиот циркус без шатор… се’ уште во лавиринтите на груевистичкиот режим од којшто никако да се одвоиме…?

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close