Маршот на деструктивците

Ова што се случува сега кај нас не е политика, тоа е ‘‘марш‘‘ на сите деструктивни сили обединети како еден, со една и единствена цел, предизвикување на хаос во земјата, застој и политичка криза.
“Граѓаните можат уште некој месец да истрпат без пари, важно е да се донесе Законот за државјанства“, ваква изјава даде еден пратеник од албанската опозиција, но што да кажеме на ова, “катастрофа“ друже, уште долго ќе бидат во опозиција со вакви деструктивни аргументи и ќе се чудат зошто ДУИ ги победува.
Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и онаа мала група национал-социјалисти од ‘’Али Експрес’’, како и албанските опозициски партии во Собранието, во најтешките денови на оваа пандемија ги уценуваа македонските граѓани за да профитираат политички, уценуваа со поддршката на законите од последниот пакет економски мерки кои им беа неопходни, но што се случи, ништо особено, попаметниот како по правило секогаш попушта, па се најде некое какво такво решение во Собранието за да се одблокира целиот овој процес. Удрија сега и на опструкции и блокада на пописот, директно против македонските национални интереси. Не, не се работи за никаков патриотизам со блокада на пописот, не се работи за грижа за населението поради ковид пандемијата, со пописот ниту се згрозува македонската нација, ниту се зголемува бројот и процентот на албанското население со попишување на дијаспората, напротив, ќе знаеме колку се овде а колку во странство, со пописот ниту се добиваат ниту одземаат одредени стекнати права, тоа е обична статистичка операција која некој сега поради политички интерес се обидува да ја претстави како национална катастрофа, Каде води ова, алоооо! Но добро, се разбира дека има разумни луѓе во владата, ако се влошува ситуацијата со пандемијата сигурно ќе се донесе решение за некое пролонгирање на пописот, никој нема да оди со глава во зид.
Минатата година кога почна оваа пандемија, Владата предложи како “мерка на солидарност“ сите вработени во администрацијата кои земаат плата од буџет, во период од два месеци да земаат некоја минимална плата од 14.500 денари, за да може привремено да има повеќе средства за оние сектори кои се најзагрозени во овој период. Секако во тој период сите бевме убедени дека ова ќе трае само два до три месеци и се ќе заврши. Први кои рипнаа против оваа мерка и ја укинаа (затоа што не била во согласност со уставот) беа оние кои имаат најголеми плати од буџетот, тоа беа Уставните судии со некое образложение дека е противуставна оваа одлука и тие ќе биле осиромашени многу со оваа мерка и државата ќе ги претворела во социјални случаи, па за некој месец сами си ги покачија платите со некоја одлука, (“согласно уставот“) за 30%. По нив, односно во нивна заштита веднаш излегоа оние од Државната Комисија за Спречување на Корупција кои ја оправдаа оваа одлука на Уставниот суд, затоа што и тие беа засегнати за своите плати. Па како сега да очекуваме дека на оние компании и фирми на кои државата им дала пари од буџетот за да поделат плата на своите вработени, имаат таква висока свест и одговорност и дека ќе го направат тоа, нема да го направат, ете така, па после ќе ги гониме, тужиме, судиме и се понатаму како што треба.
Сега некој ќе рече, ете тоа е Македонија, тоа е тој ментален склоп на една нација, ако може тој ќе можам и јас, така секој размислува. Само деструкција и ништо друго. Дали ни е потребно едно колективно “ресетирање“, “демонтирање“, “прочистување“ што све ни е потребно за да покажеме една зрелост во едни вакви времиња, кога сме сите засегнати.
За жал во целиот овој изминат период од оваа здравствена пандемија опозицијата си ја превзема улогата на главен деструктивец и се што правеа и уште прават е како во целата ситуација да направат уште поголем хаос и несигурност меѓу граѓаните, односно политички да профитираат. Секојдневно ликуваат и се изживуваат на проблемите со недостаток на вакцини и со непредвидената блокада и застој на Ковакс системот, но тој начин на набавка и тој систем ние моравме да го почитуваме како земја која очекува да ги почне преговорите за членство во ЕУ, гледате дека цела Европа се соочува со проблеми. Ако почне да преговара владата за набавка на вакцини по разни канали, директно, ќе биде обвинета дека прави нешто во четири очи поради провизии, го видовме и тоа, ама целата работа и обвинувања се издишаа некако. Што и да направите во една ваква трка и борба на пазарот за вакцини ќе бидете обвинети, тоа е оваа сурова политика. Тоа за среќа не им успева до сега, затоа што стапот сепак има два краја, народот сепак проценува кој работи и се труди а кој само млати празна слама.
Кога ги слушам опозициските пратеници како велат “ Нема ние кворум да им правиме“ им се чудам на паметот, на кого бе правите кворум, ваша должност и обврска е да бидете на седница, затоа сте платени. Да, точно е, имаат право и може во одредени ситуации опозициските пратеници доколку проценат дека се работи за одреден политички интерес да не учествуваат во правење кворум и гласање, но тоа не треба да стане пракса особено кога се работи за едно време невреме, за една пандемија каде што се гласаат економски пакет мерки за голем дел од нашите граѓани, сега некој да уценува, абе деструкција до крајни граници. Па не може така, дај опаметете се, на некои луѓе многу работи им зависат од таа помош од државата, престанете да уценувата поради политички профит!

Голема коалиција

Нема друго, тоа е. Со ваква деструкција во главите, треба сите да ги ставите во влада, односно да бидат во ситуација да носат одлуки па да видат како е, не само да паламудат.
Го поддржувам предлогот за голема или широка коалиција меѓу нашите две најголеми партии, секако заедно со најголемите албански партии, сите заедно да ја споделат одговорноста за претстојните важни настани кои не очекуваат, тоа е надминување на оваа здравствена криза, надминување на проблемот со Република Бугарија и започнување на преговорите со ЕУ. Тоа е национален интерес на македонските граѓани. Ако оваа голема коалиција, овој концепт се покаже барем малку функционален нека продолжи да тера и понатаму низ преговорите со ЕУ. Верувам дека зад овој проект ќе застанат силно и нашите стратешки сојузници, пред се Американците. Да, веќе има и ќе има голем отпор од многу фактори, особено од македонската “длабока држава“ која со ова ќе биде силно “начната“ но потребно е сите заедно да го растуриме конечно тој политички еуфемизам, теоретски и практично, наречен “длабока држава“. Ќе биде тешко, ова нема да се случи преку ноќ, треба време, треба разум, треба преговори, но ќе се случи, со или без Христијан Мицковски.
Премиерот Зоран Заев има право да разговара со сите и да го турка овој проект. Особено сега кога доби силна поддршка во својата партија со оној демократски преседан кој е за поздравување, кога се овозможи на членството да гласа за својот претседател и тоа дава навистина силен легитимитет. Демократскиот избор на претседател во СДСМ ги отвора вратите за демократизација и прочистување и на сите останати партии. Сега некој се уште не може да се помири со тоа, особено ги гледав оние на Христијан, некако ќе пукнат од мака па држеа прес конференции за тоа како имало само еден кандидат, оние кои забарикадирани во белата палата, уплашени некој од нивните конгрес да не им одржи, да не ги смени, они зборат за партиски демократски избори, абе да се чудиш.
Во месеците пред нас, господ да ни е на помош со ваква деструктивна политика. Но убеден сум дека и со ова ќе се избориме и справиме како знаеме и умееме. Државата и институциите се стабилни, потребно е да продолжиме со паметна и мудра политика, како на внатрешен така и на надворешен план и ќе не биде, сигурно ќе не биде, а и вакцините кај и да се веќе стигнуваат, па после ќе ги молиме граѓаните да се вакцинираат, ќе правиме кампањи, ете тоа е мојата Македонија.

м-р Глигор Стоименов

Back to top button
Close