ИРЛ- Богдановиќ ја фрли првата лопата на Водно и го отвори патот до плацевите на Камчев и Ексико

Вчера до соседството на улицата „Питу Гули“ стигна допис од општина Центар. Всушност, писмото стигна само до жител кој повеќе не престојува на таа адреса. Општината го известува дека градоначалникот Саша Богдановиќ на 7 април ставил потпис на дозвола за изградба на куќа на парцела во парк шумата Водно, над нивните домови. До куќата нема пат, но ако се изгради, овој пат ќе води до спорните парцели на озлогласениот офшор “Ексико” и фирмите на семејството Камчеви и Груевски. Дозволата е издадена на име на приватна фирма „Маркеза ДООЕЛ“ од Скопје.
Соседите имаат право да се жалат во рок од 15 дена, по кој период инвеститорот ќе добие правосилно решение. Сопственик на „Маркеза“ е извесен Филип Костиќ. Име кое не е познато во елитните кругови на бизнисмени. Неговиот имот е опкружен со парцели чии сопственици се фирмата „Ексико“, „Кара“ на Орце Камчев, „Манд Интернационал“ на бизнисменот и поранешниот кошаркар Пеце Наумовски. Но, Костиќ е првиот во ова друштво кому Богдановиќ го потпишал документот за градба.
На фотографијата со жолта боја е парцелата на фирмата „Маркеза“ која доби дозвола за градба. Со црвена боја се парцели на „КАРА“ на Камчев, „Манд Интернационал“ на Пеце Наумовски и уште неколку други сопственици. Теренот до неговиот плац од 1.226 метри квадратни е непристапен. Се наоѓа во шумата и дотаму нема улица. За да се стигне до локацијата треба да се помине низ мала слепа уличка, а потоа пеш низ дрвјата кои наскоро ќе треба да се исечат за да влезе багерот на Костиќ.

Мистериозниот сопственик Филип Костиќ во дилови со Ивица Георгиевски – Фреди Плацот на кој е издадена дозволата за градба претходно била сопственост на Богдан Георгиевски. Една година по донесување на ДУП-от, во 2015 година, сопствениците го огласуваат за продажба и го купува фирмата „Маркеза“ на лицето Филип Костиќ. Фирмата е регистрирана на домашната адреса на Костиќ на улицата „Петар Драпшин“ во населбата Кисела Вода. Претходно фирмата се викала „Аквамарина Парк“ и била регистрирана како угостителски објект. Во изминатите пет месеци Костиќ формирал уште две фирми – „КМ Трејд ДООЕЛ“ лани во декември и „Прајм Сервис ДООЕЛ“ во февруари годинава, од кои што едната е градежна. Костиќ преку неговата фирма „Маркеза“ во изминативе неколку години влегол во деловен однос со градежната фирма „БИСИ ДООЕЛ“, сопственост на поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ Ивица Георгиевски. Од документите достапни во регистерот, се гледа дека фирмите на Георгиевски и Костиќ имаат склучени неколку нотарски договори за закуп.

Последниот договори за закуп помеѓу „БИСИ“ и „Маркеза“ е склучен во март на сума од 500.000 евра, непосредно пред општина Центар да ја издаде дозволата за градба. „БИСИ“ на Ивица Георгиевски на 8 април подигнува кредит од Стопанска Банка во вредност од 4.300.000 евра, а како гаранција за кредитот ги заложува и побарувањата за закуп што ги има од Филип Костиќ. Ивица Георгиевски беше детално запознаен со најновите случувања на Водно, издадената дозвола за градба и негодувањата на комшиите од „Питу Гули“. На нашето прашање дали тој има некаква поврзаност со оваа инвестиција, тој нервозн одговори „Зошто сум ви јас приказна“. „Ме ставате во некои приказни со кои јас немам никаква врска. Како може да е прва дозвола за градба кога јас таму гледам дека се градат 20 куќи. Јас разгледувам повеќе локации за куќа на Водно. Можеби ќе градам, можеби ќе купам. Не разбирам каква тема гледате овде и не разбирам зошто правите тема каде што нема тема,“ рече Георгиевски во телефонски разговор со ИРЛ. Тој негира секаква поврзаност со оваа куќа. ИРЛ стапи во контакт со вработен во фирмата „Маркеза“ кој вети дека ќе го извести Филип Костиќ за да не’ побара, но тоа не се случи до објавувањето на овој текст.
Целото истражување на ИРЛ тука






