Заев за изјавата за Рашковски во „Фокус“: Имам право на свое мислење, но крајниот збор го има судот

На прашање дали врши притисок врз судството со денешната изјава во интерву за „Фокус“ дека  поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски не ја злоупотребил функцијата, односно дека не е виновен во моментов, туку ќе биде виновен доколку се исполни и докаже сомнежот за злоупотреба, премиерот Зоран Заев на собраниската седница рече дека има право на јавно мислење, но дека „конечно, Јавното обвинителство и судовите работат независно, а не се диригираат од премиерски кабинети и од политичари за да можат да бидат унисони“.

– Имам право јавно да кажам и свое мислење за работа на независна инстутуција. Не мора да се согласувам со обвинителката и со тоа што таа го тврди, можам да се согласувам сто пати за сто случаи, за два-три или четири не можам и не морам да се согласувам. Но крајниот збор секако го има судот. Како што кажувам и во тоа интервју – пред фактите и доказите и боговите молчат и кога е пресудата донесена, секако јас можам и да не се согласувам, но сум должен да ја почитувам, и тоа е така. Во слобода јавно се коментира и јавно се кажува секој што мисли, и тоа е доказ дека заврши времето на раководење и управување со обвинителствата и судовите во Република Северна Македонија. Секако, никој не е виновен додека не му се докаже вина со правосилна судска пресуда, како што никој не е изземен од законите и од одговорност, без разлика дали припаѓа на власта, на опозицијата или воопшто не е политички определен, рече Заев одговарајќи на прашање на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во интервју за „Фокус“ истакнувајќи дека поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски не ја злоупотребил функцијата, Заев оцени дека Рашковски не е виновен во моментов, туку ќе биде виновен доколку се исполни и докаже сомнежот за злоупотреба.

– И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки. Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи, вели Заев за „Фокус“ и се согласува дека неговото мислење не го обврзува Судот.

Back to top button
Close