Прв состанок на Оперативното тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот

Оперативното тело за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот денеска го одржа првиот состанок на кој беа презентирани постигнатите резултати и разгледани состојбите и предизвиците во спроведувањето на Националната стратегија за развој на концептот едно општество за сите и интеркултурализмот (2020-2022 година).
Од владината прес-служба информираат дека на средбата на членовите на Оперативното тело е усвоен Извештајот за реализирани активности од Националната стратегија за 2020 година и презентирана и електронската база на податоци на релевантни меѓународни документи насочени кон унапредување на меѓукултурниот дијалог и интеграцијата на општеството.
Заменик-претседателот на Оперативното тело и министер за правда Бојан Маричиќ, кој го водеше состанокот, истакна дека ова Оперативно тело, како сложено меѓуресорско тело составено од 17 члена претставници на државни институции и експерти, е резултат на исклучително важен ангажман во рамки на Националната стратегијата едно општество, со цел да се постигне нешто добро и квалитетно за граѓаните. Во него членуваат првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи со заедниците, Артан Груби, кој е претседател на Оперативното тело, како и министерките за образование и наука Мила Царовска, за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерката за култура Ирена Стефоска, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, како и Народниот правобранител Насер Зибери.
Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски потенцираше дека и покрај Ковид кризата во рамки на развојот на концептот едно општество има повеќе почнати и завршени работи.
Тој информираше дека Извештајот претставува преглед на спроведени активности по области и идентификувани предизвици.
– Ова е прв состанок на Оперативното тело како интерсекторско тело а во иднина ќе ги интензивираме средбите. Моја најголема радост е што сме сведоци на сѐ поголема свесност за вредностите на концептот „Едно општество“ во институциите кои веќе се чувствуваат обврзани да внимаваат на овие придобивки. Се обврзуваме да работиме и на видливоста на овие резултати што ги постигнавме, подвлече Алаѓозовски.

Од владината прес-служба посочуваат дека членовите на Оперативното тело биле едногласни дека огромна е важноста од модификација и прилагодување на образовниот систем и стимулирање на принципот на изучување на јазиците на другите заедници што би требало да се стимулираа со стипендии како важен фактор во градењето на интеркултурализмот.
Исто така, на состанокот едногласно е усвоен Извештајот за преземени активности предвидени во Националната стратегија, при што беа истакнати реализираните клучни активности во седум области – кластери кои имаат клучно значење за интеркултурализмот: правна рамка, образование, медиуми, култура, општествена кохезија, млади и локална самоуправа.






