30 проценти

Добро, што може еден административец на државна плата толку многу повеќе да сработи за да добие награда од 30 проценти од платата?

Ај – награда за здравствените работници, логично е, за војска, за полиција, исто така, за пожарникарите, секоја чест, гасеа со тоа што имаа на располагање, тоа што не успеаја да изгасат дојдоа странци, помогнаа… Ама, да дадеш награда на административец кој редовно прима плата за да си ја врши својата работа, има гарантирани максимален број денови од годишен одмор, што стар, што нов, па и К-15 им исплатија во ситуација кога шивачките во приватните фирми не смеат ни да прашаат кога ќе има плата и што не ги пуштија во сабота да одат на ревакцина!?

Еве, дури и да беше нормална ситуација, да не беше ковид седењето дома, па имале екстра напор во исто време и да седат вклучени пред компјутер на „мјуте“ и да готват, што е тоа што толку значајно го направиле за да заработат плус 30 отсто од платата? Што е тоа „зголемен број на работни задачи по обем и квалитет“, како што стои во соопштението на Владата? Дали тоа што кампањата за локалните избори почна предвреме, па сега мораат да работат двократно – малку за државата, повеќе за партијата!?

Сервисирај си ја партиската машина. Небаре ние другите не одиме на избори, па нашиот глас не им е битен. Како само административците да гласаат. Колку убаво го имаа срочено соопштението. Дека ќе ги награделе за „постигнување на исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности“.

Ако ова со што како граѓани се соочуваме пред државните и општинските институции е „ефикасно извршување на своите надлежности“, тогаш не знам што е тоа што е „неефикасно“. Особено што на сите најомилено оправдување им е „ние не сме надлежни“.

И сега ќе ги наградуваат најангажираните ненадлежни.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.мк

Back to top button
Close