Фокус: Мијалков ја тужи државата во Стразбур за притворот
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ја тужи државата во Судот за човекови права во Стразбур, за мерката притвор која му била одредувана во 2018 и 2019 година, за неколку предмети покренати од СЈО. Поточно, го оспорува притворот одреден за време на истрагата за случајот „Империја“, за „Таргет и Тврдина“ и за „Титаник 2“.
Во апликацијата се наведуваат податоци за изрекувањето и времетраењето на притворот за секој од предметите, па така се потенцира дека во ноември 2018 година му бил одреден притвор за случајот „Империја“, поради ризик од бегство. На 1 декември притворот му бил укинат, но потоа му бил одреден нов за случајот „Таргет и Тврдина“, исто така поради ризик од бегство.
Тужителот се жали дека притворот од претходна постапка, определен во првиот сет на постапки, бил незаконски, произволен и неразумен, што ги прекршува различните аспекти на членот 5 од Конвенцијата.
Понатаму, тој се жали дека постапката за ревизија пред Апелациониот суд во Скопје, по неговото барање укинување на наредбата за куќен притвор од 1 февруари 2019 година (наредена во втората постапка), не биле компатибилни со членот 5 став 4 од Конвенцијата, се наведува во апликацијата
. Во тужбата исто така се поентира и дека во 2016 година тогашниот претседател на државата донел одлука за помилување, со што Мијалков бил иземен од гонење за некои кривични дела. Потоа се појаснува и дека претседателот Ѓорѓе Иванов ја поништил дадената аболиција, за што се води посебна постапка пред европскиот суд. Тужбата на Мијалков е земена во работа, а сега следниот чекор треба да го направи Министерството за правда, од каде што ќе треба да одговорат на прашањата испратени од судот во Стразбур.
Целиот текст на Фокус мк