МЗ: Не е потврдено дека пациентот од Струга е заразен со омикрон
Откако епидемиолог изјави дека со омикрон е заразен пациент од Струга, од Министерството за здравство апелираат на воздржаност од давање паушални изјави и непроверени информации кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението
Не е потврдено дека пациентот од Струга е заразен со омикрон сојот, се огласија од Министерството за здравство (МЗ) откако во изјава за МИА епидемиолог од тамошниот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) изјави дека го регистрирале првиот случај кај лице од овој град.
Од МЗ се категорични дека утврдување на омикрон со сигурност и единствено се прави со секвенционирање на вирусот. На ваков начин омикрон досега е потврден само кај еден пациент во земјава, за кој информираа и претходно, а кој се вратил од Велика Британија.
Кај конкретниот пациент од Струга како и кај уште двајца од Прилеп и Велес е детектиран S-gene droup што се прави преку ПЦР тестирање, но тоа може да биде само индикација, но не и потврда дека пациент е заразен со сојот омикрон.
„Утврдување на присуство на сој на вирусот SarsCov2 се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, ПЦР тестирањето, односно детектирање на S-gene dropout може да биде само индикација, но не и потврда дека пациент е заразен со сојот омикрон на ковид 19. Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на ковид 19, детектиран е S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга. На пациентите им е направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите ставени се во изолација лица со кои биле во контакт“,објаснуваат од МЗ.
Од Министерството апелираат на воздржаност од давање паушални изјави и непроверени информации кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението.