Романтично дереџе

Односите со Бугарија влегуваат во нова фаза – поетско романтична. Посетата на новиот бугарски премиер Кирил Петков почна со изјавата на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски дека ова е „првиот голем исчекор“, а заврши со еуфоричната фејсбук објава на новиот вицепремиер за евроинтеграции Бојан Маричиќ „со цврсто подадена рака и срдечен поздрав…“ Од толку поезија до ова дереџе дојдовме. И Заев така беше еуфоричен уште од 2017. Се гушкаше со Борисов, се сликаа пред споменици, пробуваше да зборува бугарски по нивните телевизии, им се умилкуваше со „браќа, сестри, пријатели, комшии…“. Е, ете – на крај Бугарија му ја запечати политичката кариера. Дека браќа не сме – не сме. Тури му пепел на тоа братство. Брат на брат не му го прави тоа што Бугарија ни го прави нам. Најмногу што можеме сега е да пробаме да бидеме пријатели. И премиерот Ковачевски зборуваше за Петков како пријател. Од каде пријатели, кога првпат во животот се гледаат? Тоа што бугарски премиер ќе дојде насмеан и ќе се гушка без маска, не значи пријателство сè додека доаѓа да го реализира тоа што му е напишано во националистичкиот документ на нивното Собрание и умешно избегнува да спомене „македонски јазик“. Ќе бевме пријатели ако веќе беа почнати преговорите со ЕУ уште пред една година и ако во рамките на отварањата на поглавјата пуштавме и авионски линии, отваравме нови гранични премини, лесно минувавме граница, ќе градевме железници… Ќе преговаравме во Брисел, а не да се фалиме дека сме формирале работни групи што ќе се рашетуваат преку Деве Баир секоја недела. Ќе немаше потреба ни да трескаме глупости дека нема да ја нападнеме Бугарија – нота до ОН, краткото име, долгото име, и тоа да го претставуваме како огромен успех на патот кон ЕУ. Ќе бевме пријатели ако заедно веќе ги користевме пристапните фондови за ЕУ, а не вака со уцени да разговараме. Го испофалија Петков дека како нов бугарски премиер „праќа добри сигнали“. Не се мамиме ние веќе на сигнали. Само еден е добриот сигнал – нека го симне ветото за Македонија. А исчекорот за кој зборува Ковачевски ќе биде вистински кога Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ. Ковачевски за себе вика дека е реален оптимист. Јас не би бил ни претпазлив оптимист. Би бил само претпазлив.
Целата колумна  на Горан Михајловски на СДК.мк

Back to top button
Close