Кој ги избира новинарите?
Ви пренесуваме дел од колумната на Ѕвездан Георгиевски за Призма:

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) им поставија десетина прашања на политичките партии што учествуваат во актуелниот изборен процес околу нивниот однос кон медиумите и новинарството, воопшто. Колку што мене ми е познато, досега на овој јавно поставен прашалник одговори само една партија.
За жал, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не најде за сходно или не најде време да одговори на овие клучни прашања, важни не само за новинарската професија, туку уште побитни за односот кон демократијата и демократските вредности на евентуалната идна власт.
Но, за да не остане јавноста ускратена за овие круцијални елементи од партиските политички програми, се погрижи лично лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во интервјуто за Радио Слободна Европа на македонски јазик прилично речито објасни како ја разбира слободата на медиумите, независноста на информирањето и слободното новинарство. Поточно, како воопшто не го разбира значењето, а уште помалку важноста на овие поими.
Имено, на прашањето на новинарот да го објасни контроверзниот дел од партиската програма, во кој за МРТВ се наведува дека „ќе ангажираме образовани и способни новинари кои ќе ја доведат информативната програма на светско ниво“, Мицкоски одговара: „…не гледам причина зошто идната влада да не даде насока на раководствата на МТВ да ги така нивелира критериумите во кои ќе бидат луѓе коишто ќе бидат и луѓе коишто навистина од националниот сервис, од Македонската телевизија ќе направат европски сервис со којшто сите ние ќе се гордееме“.
Целата колумна на Призма на следниот линк.






