Судскиот совет казни претседател и судија во основен суд: Ќе земаат помали плати
Судскиот совет на денешната седница одлучил парично да казни двајца судии, соопштија од прес-службата на Советот.
Станува збор за претседател на еден основен суд, како и судија во основен суд.
Советот утврдил дека претседателот работел несовесно и го казни со кратење од 30 отсто од плата во времетраење од шест месеци. Судијата, пак, ќе зема намалена плата во 15 отсто во ист период, а е казнат зашто не постапувал по предмети.
„Претседателот на судот не презел обврски предвидени со Законот за управување со движење на предметите во судовите и Судскиот деловник. Судскиот совет оцени дека претседателот на судот сторил повреда со нестручно и несовесно постапување во вршење на судиската функција според Законот за судови и одлучи да биде казнет со 30 отсто од платата во терање од шест месеци. Во врска со судијата од основен суд се утврди дека не постапувал по предмети во одделот за извршување санкции, а со тоа постапил спротивно на законските одредби, односно нестручно и несовесно ја извршувал судиската функција според Законот за судовите и е парично казнет со 15 отсто од платата во траење од шест месеци – објаснуваат од Судскиот совет од каде не објавија детали за кои судии станува збор.
Покрај казните за судиите, Советот денеска расправал и за две постапки кои биле поведени против врховни судии од два совети составени од по пет судии во највисокиот суд за кои одлучил да ја запре постапката бидејќи не постоело нестручно работење.
Исто така, запрена е постапка и за еден судија од основен суд.