Левица ќе поднесе Декарација против глорификацијата и рехабилитацијата на фашизмо

Левица денеска најави дека со собранието ќе поднесе Декарација против глорификацијата и рехабилитацијата на фашизмот промовирани од власта.

Повод за ваквата декларација, како што соопшти партијата е се позачестеното промовирање на фашистичката идеологија од страна на власта во земјава.

„Преку нелегитимно и нелегално прифаќање на штетни и анти-македонски билатерални договори, учествување во империјалистички воени сојузи и особено преку рехабилитација на истакнати фашистички колаборационисти од минатото, промоцијата на фашистичка идеологија во Македонија секој ден е се поприсутна. Уште од времето на Втората светска војна, како никогаш досега, владата на ДУИ и СДСМ официјално промовира глорификација и рехабилитација на профашистички соработници кои ги негираат македонскиот народ, јазик и држава“, се наведува во соопштението.

„Владиното кумувањето на „културен центар“, кој ќе го носи името на еден од најкрвните врховисти, не е ништо друго, освен директна негација на Национално-ослободителната борба на македонскиот народ и нејзините придобивки, преку кои се афирмираше неговата држава, како дел од победничката анти-фашистичка коалиција. Со директното учество и поттикнување на историскиот ревизионизам насочен кон де-македонизација, како и имплементацијата на анти-македонски политики преку целиот мандат на власт; особено со поткопувањето на АСНОМ-ските темели на државата, СДСМ се претвори во профашистичка политичка групација, која сама по себе е навреда за македонското национално достоинство, а пак кога оваа партија е на власт, таа станува сериозна закана и за самиот македонски народ“, наведуваат од партијата.

Левица смета дека Владата предводена од СДСМ, со учество на свеченото отварањето на културен центар, кој, среде македонскиот град Битола, ќе го носи името на анти-херојот од Втората светска војна, фашистот Ванчо Михајлов, уште еднаш покажува дека, како последица од преговорите со Бугарија, со нов капитулантски билатерален договор, има намера да ги прифати и спроведе сите анти-македонски, негаторски, експанзионистички и шовинистички барања и политики на Софија.

„Ваквиот владин чин на провокација и понижување на македонскиот народ заслужува осуда од сите релевантни групи и поединци од јавниот домен на општественото живеење во Македонија. Истакнуваќи дека денеска неофашизмот во нашата држава е современ феномен, кој се етаблира со силни негаторски, понижувачки и крајно анти-македонски елементи, најавуваме дека Левица, во Собранието, ќе поднесе Декларација за осуда и борба против било каква форма на глорификација, рехабилитација и промоција на фашизмот, во која особено внимание ќе биде обрнето на борбата против историскиот ревизионизам и рехабилитацијата на неговите соработници, било тоа да се соработници со бугарската фашистичка власт или пак од профашистичкото движење на Балистите“, се вели во соопштението.

Back to top button
Close