Вселенската патријаршија ја поздрави размената на историски реликвии меѓу Грција и Бугарија
Вселенската патријаршија ја поздрави размената на историски реликвии меѓу Грција и Бугарија и изрази задоволство од „почетокот на враќањето од Бугарија на вредни и свети предмети земени од светите митрополии и манастири пред сто и повеќе години“ во јурисдикција на Патријаршијата, соопшти Вселенската патријаршија.

Во саботата, по договор меѓу министерствата за култура на Бугарија и Грција, посмртните останки на цар Самуил, откриени во 1960-тите години на островот Свети Ахил, пристигнаа во Софија со свечена церемонија. Од своја страна, Бугарија испрати во Грција 53 предмети – црковни богатства, претходно чувани во Националниот историски музеј, кои беа изнесени од Северна Грција главно за време на Првата светска војна.
Во соопштението на Вселенската патријаршија се вели дека се зборува за „почеток на враќањето“ бидејќи „се надева дека оваа обнова (на моштите) ќе биде брзо завршена, според диктатите на моралниот поредок и меѓународното право, а уште повеќе во рамките на срдечните односи меѓу двете соседни и сојузнички земји, обете членки на Европската Унија“.
Патријаршијата, исто така, потсети дека прашањето го покрена пред неколку години во Софија Вселенскиот патријарх Вартоломеј и изјави дека „им честита на двете влади за сработеното и за идните чекори што ќе следат во овој поглед“.
Во соопштението се изразува желба и надеж дека овој чекор „ќе стане поопшт пример и инспирација, што ќе ги поттикне надлежните органи на другите земји, исто така, позитивно да придонесат за враќање на украдените културни богатства“






