Петков: С Македонија ќе влезе во ЕУ најрано за 10 години, ќе имаме време да работиме на решение

Бугарскиот премиер Кирил Петков, во нова изјава овој пат за БТВ, повторно зборуваше за укинување на ветото за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, велејќи дека размислувањето дали да се укине ветото или не, е погрешен начин зашто, како што порачува, земјава би влегла во Унијата најрано за 10 години. Бугарија, според него, едноставно може да ги постави своите услови низ поглавјата од преговорите и двете држави ќе имаат 10 години да работат заедно.

„Гаранцијата за правата на Бугарите во Република Северна Македонија може да се обезбеди и преку европскиот процес. Впрочем, ако ги ставиме во европскиот договор на Република Северна Македонија, веќе нема само Бугарија да ги брани овие права, туку договорот со Европската унија ќе го гарантира ова право. Значи, укинувањето на ветото, како што сите велат – дали да се укине или не, е погрешен начин на размислување. Тука мора да кажеме – Северна Македонија ќе биде во Европската унија најрано после 10 години. Има многу поглавја на нејзиниот пат кон Европа. Ние едноставно треба да ги поставиме нашите услови – на пример, за Уставот пред отворањето на првото поглавје. На овој начин, со укинувањето на ветото, ние на Северна Македонија ѝ даваме пат да тргне. Но, во овие посебни поглавја можеме да ги ставиме сите услови кои ни се неопходни, и така нема да го решиме проблемот што моментално постои за една или две недели, туку ќе имаме 10 години да работиме заедно за да може Северна Македонија навистина да биде европска држава и сите права на Бугарите таму да бидат целосно заштитени. Значи, пристапот треба да биде попаметен“вели Петков за БТВ.

Секој чекор што ќе го направи бугарската страна во врска со Северна Македонија, уверува тој, ќе помине низ бугарскиот Парламент односно ќе нема никаков таен договор помеѓу двете влади. Затоа, вели Петков, очекува поддршка и од коалициските партнери и од опозицијата

Ќе имаме отворен дијалог, ќе поминеме низ Парламентот, за да можеме заедно како Бугари да напредуваме во оваа стратегија. Овде очекувам поддршка не само од владината коалиција, туку и од опозицијата, бидејќи ова е национално прашање“ вели бугарскиот премиер.

Тој во интервјуто зборува и дека на двете страни од границите има луѓе кои се обидуваат да ги разнишаат добрите односи помеѓу Бугарија и Северна Македонија, но порачува дека тие нема да подлегнат на провокациите.

„Има многу луѓе кои се обидуваат да ги разнишаат добрите односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. Нашата влада нема да подлегне на вакви лесни провокации, кои се обидуваат да се случат од двете страни. Ние имаме една заедничка цел – Северна Македонија да биде европска земја, добар сосед. Заедно да можеме да создаваме економски раст и сите овие националистички повици и провокации едноставно треба да ги игнорираме за да одиме напред“,вели Петков.

 

 

 

Back to top button
Close