Разликата од 5.000 денари од посмртнината ќе почне да се исплаќа од јули
Бројот на починатите пензионери достигнуваше и до 2.500 за време на пандемијата, што беше двојно повеќе од просекот на починати корисници на пензија во изминатите години
Разликата од 5.000 денари од посмртната помош, која привремено им беше ускратена на семејствата на починатите корисници на пензија, ќе почне да се исплатува почнувајќи од јулската исплата на пензии, според редоследот на поднесените барања и во зависност од расположливите средства, соопшти Одборот на регистрирана организација за солидарен фонд и членарина. Исплатата се врши редоследно, според поднесено барање, за што е изготвена посебна апликација.
Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, на корисник на пензија со негова согласност му запира дел од пензијата за обезбедување средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство. Висината на задршката на посмртната помош и висината на исплатата на посмртната помош во единствен износ за сите корисници на пензија со акт ги утврдува Регистрираната организација на четирите сојузи на здруженија на пензионери.
Со примената на новата одлука со која издвојувањето за посмртна помош изнесува 150 денари, а исплатата на посмртната помош 30.000 денари, aко смртноста на корисниците на пензија изнесува 1.250 (исто како и во периодот пред пандемијата), ќе можат да се покријат покрај редовните обврски и акумулираните обврски по овие барања, со што состојбата со солидарниот фонд постепено би се стабилизирала.