Над 280 загинати и 600 повредени во силниот земјотрес во Авганистан
Најмалку 280 луѓе загинаа, а над 600 се повредени во земјотресот со јачина од 6,1 степен по Рихтеровата скала, кој во 01.30 часот по локално време го погоди Авганистан, јави Би-Би-Си.
Фотографии на социјалните мрежи покажуваат лизгање на земјиштето и уништени домови во источната провинција Пактика, каде што спасувачите се обидуваат да ги санираат повредените. Во оддалечените области, хеликоптери ги превезуваа жртвите во болниците.
An earthquake magnitude of 6.1 shaken #Afganistan killed almost 250 people pic.twitter.com/peeW5hDJ2s
— vipul kashayp (@kashyapvipul) June 22, 2022
Локалните власти посочуваат дека бројот на жртви најверојатно ќе расте.
Земјотресот го погоди подрачјето на околу 44 километри од југоисточниот град Коста, на длабочина од 51 километар.
Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, земјотресот бил почувствуван во опсег од околу 500 километри во Пакистан, Авганистан и Индија.
„За жал, синоќа имаше силен земјотрес во четири окрузи на провинцијата Пактика, во кој загинаа и беа повредени стотици наши сонародници и уништени десетици куќи“, напиша на Твитер владиниот портпарол Билал Карими. „Ги повикуваме сите хуманитарни агенции веднаш да испратат тимови во областа за да се спречи понатамошна катастрофа“, додаде тој.
Земјотресите, кои се чести во Авганистан, имаат тенденција да предизвикаат значителна штета во Авганистан, каде што има многу рурални области каде живеалиштата се нестабилни или се изградени според несоодветни стандарди.
Деценискиот конфликт ѝ отежна на сиромашната земја да ја подобри својата заштита од земјотреси и други природни катастрофи – и покрај напорите на агенциите за помош да зајакнат некои згради во текот на годините.
Во изминатите 10 години повеќе од 7.000 луѓе загинаа во земјотреси во земјата, објави Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања. Во просек годишно има 560 смртни случаи од земјотреси.