Шведската премиерка: Во екстрадициите ќе го следиме домашното и меѓународното право

Шведската премиерка Магдалена Андерсон изјави денеска дека секое зголемување на бројот на екстрадиции, како резултат на договорот со Турција за прием на оваа нордиска земја во НАТО, ќе зависи од информациите добиени од турските власти.

„Зависи од тоа какви информации ќе добиеме од Турција во оваа област“, ​​изјави Андерсон.

„Во сите екстрадиции, ние продолжуваме да го следиме шведското и меѓународното право и, се разбира, Европската конвенција за екстрадиција“, додаде таа.

Шведска и Финска направија значаен чекор кон членството во НАТО, бидејќи Турција вчера го укина ветото на нивниот пристап, откако скандинавските земји се согласија на низа барања.

Шведска и Финска ветија дека нема да ги поддржуваат курдските милитантни групи од североисточна Сирија, за кои Анкара вели дека се поврзани со Курдистанската работничка партија (ПКК). ПКК е на списокот на терористички организации во Турција, САД и ЕУ.

„Она што стои во изјавата е нешто што Шведска веќе го прави“, рече Андерсон на маргините на самитот на НАТО во Мадрид.

„Односно дека нема да ги поддржиме на начин што може да биде закана за внатрешната безбедност на Турција, со оружје или финансиска поддршка, а Шведска тоа не го прави ниту сега“, заклучила таа.

Back to top button
Close